Ayşe Yıldız
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
АНТАЛИЈА (АА) - АЈШЕ ЈИЛДИЗ - Пештерата Караин во Турција, во која се откриени остатоци од животни како што се нилски коњ, носорог, слон, а и остатоци од изумрен вид човек Хомо неандерталенсис, претставува атракција за домашните и странските туристи, пишува Anadolu Agency (AA).
Оваа пештера која се наоѓа на варовнички падини на планината Катран, на 27 километри оддалеченост од центарот на градот Анталија, воодушевува со нејзините природни убавини.
Од антички времиња пештерата била користена за домување поради поволните околни услови, а во денешно време оваа пештера претставува место кое за туристите нуди убав поглед во секоја сезона на годината.
Пештерата Караин се наоѓа на надморска височина од 400 метри и до неа може да се стигне качувајќи се по скали. Посетителите имаат можност да се спуштат длабоко во пештерата, каде што можат да видат и да ги фотографираат сталактитите и сталагмитите што се формирале во текот на илјадници години.
Пештерата е откриена во 1946 година и во ископувањата извршени до денес се откриени остатоци од животни како што се нилски коњ, носорог, слон, како и остатоци од изумрен вид човек Хомо неандерталис. Пештерата фрли светлина на историјата на човештвото и природата.
Професорот на Катедрата за археологија на Факултетот за лингвистика, историја и географија при Универзитетот во Анкара, а воедно и претседател на работите за ископување во пештерата Караин, проф. д-р Харун Ташкаран, во разговор за АА, рече дека првите податоци за пештерата Караин се пронајдени од страна на италијански патници кои дошле во Анталија на почетокот на 20 век.
Ташкаран рече дека посетителите повеќе се заинтересирани за вотивните натписи на старогрчки јазик кои се наоѓаат на надворешните ѕидови на пештерата.
„Вистинско откритие на пештерата и нејзино претставување пред научниот свет е направено со напорите на проф. д-р Исмаил Килич Ќоктен во 1946 година. Ќоктен, со временски интервали, продолжил со археолошките ископувања, сè до неговата смрт во 1974 година“, рече тој.
Ташкаран потсети дека во 1985 година, ископувањата ги започнала екипата под водство на асистентката на Ќоктен, проф. д-р Ишин Јалчинкаја, во која бил вклучен и тој. Ташкаран истакна дека од 2015 година ја врши функцијата претседател на работите за ископување, и рече дека пештерата со длабочина од 50 метри се состои од три длабнатини, и оти во длабоките места можат да се спуштат само професионалци.
- Ископувањата ќе започнат во јули -
Според Ташкаран, најважната карактеристика што ја разликува оваа пештера од другите во Турција е културното богатство што се наоѓа на длабочина од 11 метри. Тој нагласи дека оваа пештера била постојано населена почнувајќи од пред 500 илјади години, сè до доцноримскиот и рановизантискиот период.
Истакнувајќи дека ископувањата за палеолитската ера потешко се одвиваат и дека се вршат сантиметар по сантиметар со мали стоматолошки инструменти, со четка и мистрија, Ташкаран рече дека ископувањата се вршат внимателно во слоевите што му припаѓаат на периодот пред стотици илјади години.
Ташкаран информираше дека при ископувањата најмногу се наоѓаат остатоци од коски на животните што биле уловени со различни алатки направени од камен од страна на човекот во палеолитската ера.
„Еден дел од животинските коски им припаѓаат на изумрени животни како што се слонот, нилскиот коњ, и носорогот, кои не живеат во Анадолија. Затоа, ова се важни остатоци кои даваат придонес за историјата на природата во регионот. Според нас, сите откритија се значајни. Особено е значајно што во слоевите на среден палеолит се откриени фосили на изумрен вид човек, Хомо неандерталис, а овие фосили се пронајдени само во пештерата Караин“, додаде тој.
Ташкаран нагласи дека ископувањата ќе продолжат и во јули и август, и проектот што го подготвуваат е со цел да се открие кога за прв пат пештерата била населена од страна на човекот од палеолитско време.
„Пештерата Караин има поголем број посетители од многу други музеи во Турција. Она што ги привлекува туристите е фактот дека ова е најстарото населено место во регионот кое поседува културно и природно богатство. Во Анталија постојат бројни антички градови што се посетени од страна на туристите. Сепак, нема друга населена пештера како Караин“, рече Ташкаран, и додаде дека се обидуваат да ја промовираат пештерата Караин и во странство.