Fatih Ulaş
11 Август 2023•Ажурирај: 13 Август 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - ФАТИХ УЛАШ -
Двата лава што беа пратени од Иран во Туркије за да им се лекуваат скршените нозе со ставање платина се очекува да го продолжат својот вид, кој е загрозен, јавува Анадолу.
За да се привлече вниманието на намалената популација на лавови, секоја година 10 август се слави како Светски ден на лавот.
За лавицата и лавот со платинести нозе се води голема грижа во комплексот за природа и живот „Парк Истанбул“ во Чекмеќој, со цел да се продолжи видот на овие лавови.
Лавот има платина на задните нозе, додека кај лавицата има на сите четири нозе.
Лавовите се движат отежнато поради значителната повреда на нозете во минатото.
- „Инвалидноста од 80 проценти се намали под 20 проценти“
Претседателот на Управниот одбор на „Парк Истанбул“, Бурак Мемишоглу, изјави дека лавовите се повредиле откако паднале од височина.
Тој рече дека откако лавовите биле пратени од Иран во Туркије, околу четири месеци биле лекувани во Болницата за животни на Ветеринарниот факултет при Универзитетот во Истанбул - Џерахпаша (IUC), а потоа биле донесени во Центарот за рехабилитација на животни во Чекмеќој.
„Кога ги донесоа кај нас беа мали, имаа една година. Поради скршените нозе не можеа да одат. Потоа им ставивме платина на задните нозе. Подоцна инвалидноста од 80 проценти се намали под 20 проценти. Сега можат да одат“, рече Мемишоглу, додавајќи дека тука може да се парат за да го продолжат својот вид.
- „Сега се во добра состојба“
Биологот Ердоган Севинч, кој се грижи за животните во комплексот, покажа како обезбедиле простор за живеење за лавовите во Центарот за рехабилитација во „Парк Истанбул“.
„Иако лавицата малку куца, сепак тие полека закрепнаа. Сега се во добра состојба“, рече тој и додаде дека лавовите живеат во овој центар веќе пет години.
Според него, животниот век на лавовите во нивната природна средина е пократок, односно кај лавовите од осум до 10 години, а кај лавиците од 12 до 16 години, додека во ваквите безбедни центри просечниот животен век може да се продолжи и до 25 години.
Севинч рече дека дури и на дивите животни им се потребни грижа и рехабилитација. „И ние им ја даваме оваа можност“, додаде Севинч.