Ömer Tuğrul Çam
20 Јуни 2020•Ажурирај: 21 Јуни 2020
АНКАРА (АА) – Тројцата турски морепловци, кои беа три месеци притворени во Еритреја, се ослободени по интервенција на официјалните претставници на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турските морепловци Селим Екмекчиоглу, Ибрахим Игнак и Ерман Лутфи Атамер биле притворени во Еритреја додека со брод биле на турнеја низ светот.
Тие се ослободени како резултат на иницијативите и дипломатските напори на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Шејда Екмекчиоглу, сопругата на капетанот на бродот, Селим Екмекчиоглу, која се наоѓа во Истанбул, во изјавата за новинарот на АА истакна дека сопругот ѝ се јавил и ѝ кажал дека се ослободени.
Наведувајќи дека турските морепловци пловеле кон Џибути, Шејда Екмекчиоглу рече дека здравствената состојба на морепловците на бродот генерално била добра.
„Со сопругот зборував денес за прв пат од 25 април. Гласот му беше добар. Ми кажа дека се во добра состојба, и дека во Еритреја со нив се однесувале многу добро“, рече Шејда Екмекчиоглу.
Екмекчиоглу упати благодарност до министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, за неговите напори за ослободување на нејзиниот сопруг и другите двајца морепловци. Таа, исто така, му се заблагодари и на амбасадорот на Турција во Еритреја, Ајкут Кумбараглу, и на сите службени лица.
Нагласи дека очекуваат турските морепловци за 3-4 дена да пристигнат во Џибути.
- Биле на светска турнеја -
Селим Екмекчиоглу по неговото пензионирање во септември 2017 година со својот брод „Мурат Реис“ започнал светска турнеја. Откако ги поминал Атлантскиот Океан, Тихиот Океан и Индискиот Океан, во месец март од Шри Ланка му се приклучиле и Игнак и Атамер.
Турските морепловци на крајот на март од Џибути пристигнале на Малдивите, но поради епидемијата на Ковид-19 не им било дозволено да се доближат до пристаништето. На морепловците им помогнал и ги снабдил со храна амбасадорот на Турција во Џибути, Левент Шахинкаја. Амбасадорот исто така помогнал да биде поправен еден дел од моторот на бродот. Откако им бил поправен моторот, морнарите запловиле кон Турција.
Според информациите дадени од Шејда Екмекчиоглу, кога стигнале во Еритреја, решиле да се доближат до пристаништето бидејќи им се намалиле резервите на гориво и храна.
Кога се приближиле кон пристаништето во Еритреја на бродот се качиле војници и ги притвориле.
Селим Екмекчиоглу, по неколку дена, на 25 април, успеал скришно да ѝ се јави на неговата сопруга и да ѝ ја објасни ситуацијата. Неговата сопруга веднаш се јавила во турската Амбасада во Еритреја и ја објаснила ситуацијата. Оттогаш започнале напорите на турските власти за ослободување на морепловците.