Beşir Kelleci
28 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
БАЈБУРТ (АА)
- Бесир Келечи
Привршува месецот на пролетта, а во турската покраина Бајбурт, каде што зимите се исклучително сурови, екипи на надлежните служби работат на расчистување на снегот од делниците до населените места со кои е прекината комуникацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На патната мрежа од 1.200 километри 55 припадници на надлежните служби и 40 машини работат на расчистување на снегот во април, за граѓаните да не бидат ни најмалку загрозени.
Екипите се обидуваат да исчистат снег во висина и од неколку метри и да стигнат до селаните во областа Ајдинтепе на надморска височина од 3.000 метри.

Од 19 април се спроведуваат интензивни акции за чистење на снегот, а екипите кои работат во отежнати услови тешко го расчистуваат снегот на некои делници.
Нивната задача не е само да ја олеснат патната комуникација, туку и да ја елиминираат опасноста од лавини.
Екипите имаат намера до 15 мај да чистат околу два километри на ден и да воспостават комуникација со селата Гунбулду, Думлу, Кавлтан на планината Соганли.

Хајретин Коџјигит, генерален секретар на Регионалната специјална управа задолжена за расчистување на снегот, во изјава за АА изјави дека годинава со снег се зафатени многу делови од земјата, вклучително и Бајбурт.
Тој потсети на интензивните снежни врнежи во периодот од јануари до април.
„Како Специјална управа во Бајбург, реализиравме активности со 40 машини и 55 члена на тимот. Работевме по цели денови и не запоставивме ниту едно село“, рече Коџјигит.
Тој додаде дека се обидуваат да ги отстранат снежните наноси кои повремено се високи и до 12 метри.

„Тука имаме три селски патишта, патна мрежа од 55 километри. Планираме да го завршиме овој дел во рок од 20 дена. Онаму каде што врнежите од снег се обилни, можеме да поминеме 50 метри дневно, но се надеваме дека ќе завршиме според распоредот“, рече Коџјигит.
Тој потсети дека овдешните села наголемо се занимаваат со сточарство.
„Зимно време селата се празни, граѓаните се спуштаат кон центарот на реонот. Сега сакаат што поскоро да се вратат во селата, за да можат да ги изнесат животните на пасишта. Затоа работиме 24 часа за да ги направиме патиштата проодни“, рече тој.
