Tuba Şahin
24 Јануари 2020•Ажурирај: 26 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за земјоделство и шумарство на Република Турција, Бекир Пакдемирли, изјави дека до ноември оваа година, во рамките на кампањата „Здив за иднината“ ќе бидат засадени 82 милиони садници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пакдемирли како гостин на уредничкиот деск на АА денеска ги коментираше актуелните проекти за пошумување во Турција, во која 11 ноември минатата година е прогласен за празник, односно за Национален ден за пошумување.
Во рамките на кампањата „Здив за иднината“ на 11 ноември минатата година на повеќе од 2.000 локалитети низ Турција се засадени повеќе од 11.000.000 садници. Пакдемирли најави дека кампањата во соработка со граѓаните ќе биде продолжена.
„Процентот на засадување садници засадени во кампањата од 11 ноември е 95 отсто“, рече Пакдемирли, додавајќи дека граѓаните учествувале и во кампањата за собирање и садење садници.
Пакдемирли изјави дека ресорното турско Министерство годишно, во просек, вкупно засадува 300 милиони стебла.
Истакнувајќи дека Турција го јакне домашното земјоделство и сточарство, Пакдемирли изјави дека е значително намалено количеството на увоз на месо на годишно ниво.
„Нашиот увоз на месо во 2018 година изнесуваше 55.752 тони, а во 2019 година беше 5.037 тони. Тоа е главно месо од Србија, БиХ и од други земји со кои имаме потпишани договори за слободна трговија“, изјави Пакдемирли.
Ресорниот министер Пакдемирли нагласи дека Турција во врска со генетски модифицираните организми (GMO) има значително поголеми стандарди од важечките стандарди во Европската Унија.
Тој додаде дека Турција користи и значително помалку ги третира земјоделските земјишта со лекови од Европската Унија. Појасни дека хектар земјиште во Турција се третира со 2,3 килограми лекови, додека во Западна Европа по хектар се користат 4 килограми, во Јапонија 11,8, а во Кина 13,1 килограм лекови.
Меѓу позначајните проекти во Турција секако спаѓа и развојот на домашниот трактор на електричен погон, за што министерот Пакдемирли изјави дека сите тестирања се успешно спроведени.
„Фабриката се подготвува за почеток на сериско производство. Сѐ ќе биде подготвено за тоа производство до јули или август“, изјави Пакдемирли.
Пакдемирли ги истакна и чекорите кои Турција во изминатите години ги остварила на полето на производството и извозот на земјоделското семе.
Моментално во Турција постојат повеќе од 900 семенарници, од кои 850 домашни, а остатокот на субјектите работат во соработка со странските партнери.
„Во Турција во 2002 година се произведени 145.000 тони семе, а моменталното годишно производство изнесува 1,06 милион тони. Домашното производство покрива 96 отсто од потребите во Турција, а работиме на проекти во сопствените капацитети да ги подмируваме и потребите за семињата на некои растителни сорти кои досега ги увезувавме. Моментално, Турција извезува семиња во 86 земји, и тоа во вредност од 152 милиони долари годишно“, изјави Пакдемирли.