Abdullah Söylemez
18 Февруари 2025•Ажурирај: 19 Февруари 2025
АГРИ (АА) - АБДУЛА СОЈЛЕМЕЗ -
Глетката на зајдисонце од палатата Исхак-паша покриена со снег во подрачјето на Догубајазит во источната турска област Агри ги привлекува љубителите на фотографијата, јавува Анадолу.
Палатата, која е на привремената листа на светско наследство на УНЕСКО, се наоѓа на рид опкружен со стрмни карпи.
Палатата Исхак-паша, изградена во т. н. ера на лалињата на Османлиското Царство и привлекува внимание со величествената градба, носи траги од османлиската, селџучката, барокната архитектура, како и рококо стилот.

Историскиот објект, кој има и џамија, соби, гробница, внатрешни и надворешни дворови и друго, секоја сезона е домаќин на илјадници домашни и странски посетители.
Од палатата, чија околина е покриена со снег поради обилните врнежи последниве денови, има уникатен поглед на зајдисонцето во ведрите денови.
- Домаќин на ентузијасти на фотографијата -
Од неодамна палатата стана особено популарна и кај љубителите на фотографијата што сакаат да го доловат историскиот објект, опкружен со снег, со уникатниот поглед кон зајдисонцето.

Филиз Парлаккилич, фотографка од Истанбул, за АА изјави дека првпат го посетува регионот и дека е импресионирана од архитектурата на историската градба.
Парлаккилич рече дека ужива во патувањето и покрај студеното време: „Направивме прекрасни фотографии од зајдисонцето. Глетката е неопислива.“
Метин Гонден, кој доаѓа од Мерсин, рече дека со фотографирање се занимава како хоби и дека многу ги сака историските и природните убавини, особено планината Арарат и палатата Исхак-паша.

Махмут Чеби, еден од туристичките водичи, рече дека последниве 10 години источните турски области почнале на сериозен начин да ги угостуваат туристите.
Чеби истакна дека порано туризмот бил ограничен на море во текот на летните месеци, но со пуштањето на туристичкиот воз Источен експрес (Ориент експрес) сѐ повеќе луѓе почнале да доаѓаат во источните делови на Туркије.