Haluk Yüksel
08 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
БУРСА (АА) - Во фабрика за конци и бои во Ѓурсу, во подрачјето на Бурса, се случи експлозија во којашто животот го загубија 5 лица, а 4 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Според добиените информации, од засега непознати причини дошло до експлозија на резервоарот за пареа во фабриката за бои којашто се наоѓа во близина на патот Бурса – Анкара.
Во експлозијата се урна поголем дел од фабриката.
Четворица од работниците починаа на местото на несреќата, а еден работник починал во болницата каде што беше префрлен.
- „Досега загинаа пет лица, а четворица се ранети“ -
Гувернерот на Бурса, Изетин Ќучук, за АА рече дека по експлозијата пристигнал на местото на несреќата, а во врска со настанот го изјави следното:
„Досега имаме петмина загинати и четворица ранети. Ранетите се префрлени во болница. Наскоро ќе имаме точни информации за нивната здравствена состојба. Експлозијата се случи во фабрика за боење текстил. Експлодирал резервоарот за топла вода. Засега не се познати причините за експлозија на резервоарот. Во тек е истрага за причината што ја предизвикала експлозијата на резервоарот. Доколку станува збор за невнимание, ќе излезе на виделина. Дефинитивно имаме ситуација на компресија на гас. Имаме застрашувачка експлозија која предизвика уривање на поголемиот дел од фабриката. Експлозијата предизвика оштетувања и на околните фабрики и возила“.
Градоначалникот на општина Бурса, Алинур Акташ, за АА изјави дека во фабриката се случила голема експлозија.
„Разорната експлозија влијаела и на случајните минувачи. Зградата е целосно уништена. Експлодирал резервоарот“, изјави градоначалникот Акташ.