Последниот ковач - Алтун од турски Гиресун го чува занаетот што тивко исчезнува
- „Oваа наковална е аманет од мојот мајстор. По мене, нема кој да го продолжи овој занает. Кога ќе заминам јас, оваа наковална ќе остане празна...“
Atakan Çıtlak
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
photo: Atakan Çıtlak / AA
ГИРЕСУН
Емрула Алтун, ковач кој живее во подрачјето на Кешап во турската област Гиресун, со секој удар на чеканот му дава форма на челикот врз вековната наковална што ја наследил како аманет од својот мајстор, пишува Анадолу.
Во своето родно село Армутдузу, работејќи во дуќанчето што сам си го изградил, 68-годишниот Алтун веќе 44 години, со истиот жар и возбуда како првиот ден, го негува занаетот што го научил од својот учител.
Како еден од последните чувари на овој занает во својот крај, Алтун со многу љубов изработува секири, коси, српови и традиционални алатки за косење трева карактеристични за тој регион, изработувајќи ги токму врз наковалната стара цел еден век.
Раскажувајќи дека ја продолжил својата професија во своето село, Алтун за Анадолу сподели дека со овие ракотворби не само што го прехранува своето семејство, туку и ги снабдува луѓето во околните села и градови.
Погледнувајќи кон своето дуќанче, изградено пред цели 34 години веднаш до неговата куќа, Алтун со топлина се присетува:
Фотографија : Atakan Çıtlak/AA
„Кога се вратив од војска, почнав да учам занает кај ковачот во нашето село. Неколку години бев чирак кај него и ги учев сите тајни на занаетот. Во 1992 година, веднаш до мојот дом, изградив мало дуќанче од дрво и камен. Од тој ден, па сè до денес, занаетот го продолжувам во сопствена работилница.“
„Oваа наковална е аманет од мојот мајстор. По мене, нема кој да го продолжи овој занает. Кога ќе заминам јас, оваа наковална ќе остане празна. Ако во срцето на човекот нема желба и мерак за учење, не можете со сила да го научите. Човек мора сам да посака, сам со љубов да го работи ова. Наковалната и чеканот се тука, но нема ниеден заинтересиран.“
- „Додека работам, не чувствувам замор“ -
„Му благодарам на Бога што сè уште ми дава сила да го продолжам мојот занает. Ова е работа што неизмерно ја сакам и која ми носи мир во душата. Додека работам тука, во дуќанот, воопшто не чувствувам умор, но да ме пратите на некоја друга работа, веднаш ќе се изморам. Само во оваа моја работилница уморот исчезнува.“
Споделувајќи дека неговите производи, освен во селото, стигнуваат и до центарот на градот и околните места, мајсторот Алтун со гордост вели: „Изработувам секакви земјоделски алатки: коси, српови, копачи... Ги продавам најпрво во моето село и во градот Кешап, но стигнувам и до градот Гиресун, околните области, па дури и до Сакарија. Луѓето ми се јавуваат и по телефон, а многумина доаѓаат и лично во дуќанот за да си нарачаат сопствена алатка.“
Емрула Алтун додава дека со затоплувањето на времето и будењето на пролетта, започнуваат и работите во бавчите, па со тоа и неговото дуќанче оживува.
Последниот ковач - Алтун од турски Гиресун го чува занаетот што тивко исчезнува