Првиот целосно самоодржлив модел на луксузно живеење во светот се развива во Турција
- Населба дизајнирана да произведува сопствена енергија, да ја обновува водата и да одгледува храна без пестициди, со јаглеродни влакна за зајакнување против земјотреси.
Mücahithan Avcıoğlu
17 Август 2026•Ажурирано: 17 Август 2026
ИСТАНБУЛ
Станбениот проект наречен „Уан планет хабитат“, што се развива во западната турска провинција Измир, е опишан од компанијата која стои зад него како првиот целосно самоодржлив модел на луксузно живеење во светот - дизајниран да произведува сопствена енергија, да ја обновува водата и да произведува сопствена храна, пренесува Анадолу.
„Во некои проекти се градат нови куќи. Ние градиме нов начин на живеење за иднината на човештвото“, соопшти компанијата во своето официјално соопштение за медиумите, во кое проектот е опишан како „Населба на новата цивилизација“.
Моделот е резултат на повеќе од шест години истражување и развој спроведени од академици, инженери, архитекти и специјалисти за исхрана и е замислен како прв пример на модел на населба што може да се приспособи на различни климатски услови и доходовни групи, се наведува во соопштението.
Повикувајќи се на извештајот од мај 2026 година на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП), компанијата соопшти дека зградите учествуваат со околу 37 % во глобалните емисии на јаглерод диоксид и дека „Уан планет хабитат“ е дизајниран да одговори на оваа реалност со изолациска обвивка според стандардот „Пасив хаус“, соларна енергија произведена на самото место и дрвја засадени низ целата населба.
„Луксузот на иднината не се поголеми куќи или скапоцени материјали“, рече Пајиз Јешил, архитектка, членка на одборот и директорка за одржливост во „ИЗКА констракшан“. „Вистинскиот луксуз е да можете да се одржувате без да зависите од никого: струја што не се исклучува, вода на која можете да ѝ верувате и здрава храна што самите ја одгледувате“, рече таа.
„Ние не градиме бункер“, рече таа, додавајќи: „Градиме населби кои остануваат стабилни во криза, каде што животот продолжува непрекинато дури и кога системите околу нас се под притисок.“
- Стандардот „Пасив хаус“ за првпат колективно се применува во Турција
Домовите ќе бидат изградени според стандардот „Пасив хаус“ (Passivhaus) на Институтот „Пасив хаус“ со седиште во Германија, што се смета за една од најригорозните мерки за енергетска ефикасност во светот.
Стандардот се темели на пет основни принципи: континуирана изолација, отстранување на топлинските мостови, тројно застаклување, непропустлива обвивка и вентилација со рекуперација на топлината.
Според Институтот, овој дизајн ја намалува потребната енергија за греење и ладење до 90 % во споредба со типичниот градежен фонд. Повеќе од 52.000 единици се сертифицирани низ светот, а компанијата наведува дека „Уан планет хабитат“ ќе биде првата колективна примена на овој стандард во Турција.
Инфраструктурата поддржана од вештачка интелигенција ќе управува со циклусите на енергија, вода и храна во вилите, приспособувајќи ја употребата на ресурсите кон секојдневниот ритам на жителите. Влезниот воздух ќе минува низ HEPA-филтрација на ниво на операциски сали, а непропустливата обвивка ќе ги направи домовите десетпати потивки од конвенционалните куќи, наведува компанијата.
- Водата се обновува на самото место, храната се одгледува без пестициди
Интегрираното управување со водата има за цел да ги задоволи потребите на населбата во рамките на сопствениот циклус, комбинирајќи собирање дождовница, контролирана употреба на подземни води и рециклирање на пречистената сива вода.
Производството на храна се темели на аквапоника, за која Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) наведува дека користи до 90 % помалку вода од конвенционалното земјоделство.
Паметните оранжерии, овоштарниците и добитокот одгледуван во рамките на населбата треба да му обезбедат на секое домаќинство 800 килограми зеленчук од 30 видови, 500 килограми овошје од 30 видови и по 75 килограми риба и ракчиња годишно, плус свежи јајца, млечни производи и мед - систем дизајниран, според компанијата, врз основа на пресметаните годишни нутритивни потреби на едно семејство.
Сето одгледување растенија е без пестициди - природна последица, како што се наведува во соопштението, од тоа што растенијата и рибите ја делат истата вода.
- Зајакнување со јаглеродни влакна против земјотреси
Изградбата ќе ја изведува „ИЗКА констракшан“, која наведува дека има завршено повеќе од 35.000 домови, над 350 проекти во текот на три децении и поседува НАТО-сертификат за безбедност на објекти.
Зајакнување со јаглеродни влакна инспирирано од воздухопловното инженерство - материјал за кој компанијата наведува дека нуди до трипати поголема цврстина од челикот - ќе се применува на конструкциите „како невидлив слој оклоп“.
- „Новата ера за човештвото започнува овде“
Во писмена изјава, Одборот на „Уан планет хабитат“ соопшти: „Човештвото бара начини за изградба на самоодржлив живот на Месечината и на Марс.
Сакавме прво да одговориме на тоа прашање за нашата сопствена планета. Иднината на човештвото не мора да започне на друг свет; иднината може да се изгради на Земјата, денес. Една ера завршува. Нова ера за човештвото започнува овде“, се вели.
Одборот додаде: „Илјадници години, нашите предци ги граделе своите градови на бреговите на реките и во срцето на плодната земја. Ние ги внесуваме реката, почвата и сонцето во самата населба. Моделот што денес започнува со вили, утре може да се прошири на населени места и градови. И ова патување, за првпат насекаде во светот, започнува во Турција, лулката на цивилизациите.“
Инспириран од филантропијата на Ендру Карнеги и Џамсетџи Тата, целиот приход од уделот на основачот ќе биде пренасочен кон Фондацијата „Уан планет хабитат“, која ќе биде основана за поддршка на научните истражувања и заштитата на природата, соопшти Одборот.
„Овој проект не го гледаме само како приказна за успех, туку како нешто што е доверено на идните генерации. Најголемото нешто што ќе го оставиме зад нас нема да бидат зградите, туку надежта“, се наведува во соопштението.
Во населбата ќе има ограничен број вили, а пријавите ќе се разгледуваат индивидуално со цел да се формира заедница усогласена со вредностите на проектот. Пријавувањето е отворено од 17 август 2026 година.