Sinan Uslu
07 Февруари 2020•Ажурирај: 09 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - СИНАН УСЛУ -
Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (TBMM), Мустафа Шентоп, најостро го осуди учеството на водачот на терористичката организација ПКК/ПЈД на конференцијата одржана во Европскиот парламент и предупреди дека тероризмот претставува глобална закана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Таканаречените раководители на терористичката организација ПКК/ПЈД во изминатите два дена учествуваа на собир во Европскиот парламент, а шефот на турскиот Парламент, Шентоп, упати протестно писмо до претседателот на ЕП, Давид Сасоли.
Шентоп во писмото наведе дека членките на ЕП кои ги поддржуваат водачите на ПКК не би требало да заборават дека тие терористи не познаваат никакви верски, ниту правни норми, и дека утре би можеле оружјето да го вперат и во нив или во нивните пријателски институции и поединци.
„Длабоко сме растажени со информацијата дека на неформалниот собир на 5 и 6 февруари, под кровот на Европскиот парламент, чиј претседател сте, присуствуваа и терористичка пропаганда вршеа членови на ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации во Европската Унија. Најостро ја осудувам таа скандалозна активност“, порача Шентоп во протестното писмо.
Шентоп порача дека таа активност е голем срам за Европскиот парламент кој се залага за правни и цивилизациски норми и вредности и додаде дека настаните на тој собир не можат да служат за ништо, освен правење на тероризмот и терористичките организации како легитимни.
Тој исто така изјави дека со одобрувањето на одржувањето на таков собир, Европскиот парламент ја прекршил и сопствената одлука која Претседателството на ЕП ја донесе на 2 октомври 2017 година и забрани влез на членовите на терористичката организација во зградата на таа институција.
Истакнувајќи дека тероризмот нема сопствена религија, јазик и раса, Шентоп понатаму наведе дека тоа зло се храни исклучиво со крвта на невините луѓе.
„Не смее да се заборави дека тероризмот не е само непријател на Турција, туку заеднички непријател и на Европа и на целиот свет“, порача шефот на турскиот Парламент, Шентоп, и го повика Европскиот парламент и сите институции на ЕУ да поведат доследна и искрена борба против тероризмот и терористичките организации, без какви било раздвојувања и двојни стандарди.