Ahmet Sait Akçay,Cansu Dikme
08 Септември 2017•Ажурирај: 09 Септември 2017
КАЈСЕРИ (АА) - Според истражувачите, глинените плочи стари 4.000 години се доказ за зачетокот на писмото и писменоста во античка Анадолија, среде денешната Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
При ископувањата во областа Кајсери, југоисточно од главниот град на Турција, Анкара, во древнaта могила се откриени ракописи коишто датираат од приближно 2000 година п.н.е., вели Фикри Кулакоглу, професор по археологија на Универзитетот во Анкара и шеф на тимот археолози. За 70 години ископувања во могилата Култепе, 25 км (15,5 милји) североисточно од Кајсери, пронајдени се 23.000 плочи со клинесто писмо.
„Ова се првите пишани плочи во Анадолија. Анадолците научиле да читаат и да пишуваат во Култепе. Првите писмени луѓе во Анадолија се од Кајсери“, вели Кулакоглу. Голем дел од ископаните плочи се со вежби, очигледно користени од страна на деца кои се учеле да пишуваат. „Вежбите за читање на испишаните плочи се доказ за училишна настава“, вели тој.
- Древни трговци
„Заедно со плочите на кои вежбале пишување, пронајдени се и плочи за трговија и бизнис. Тие плочи биле користени за да се забележи сето она што е вредно“, објаснува Кулакоглу.
„Овие плочи покажуваат дека локалните трговци биле присутни во Анадолија заедно со Асирците“ вели тој.
Кулакоглу додава дека ископаните глинести плочи од Култепе се едни од најретките во светот. Култепе е кандидат за Листата на светско наследство на УНЕСКО од 2014 година.
Според веб-страницата на УНЕСКО, Култепе бил главен град на античкото кралство Канеш и центар на сложена мрежа асирски трговски колонии во вториот милениум пред нашата ера.