Ahmet Özler
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
КАРАБУК (АА)
- Ахмет ОЗЛЕР
Румејса Гелги, која влезе во Гинисовата книга на рекорди како „Највисоката жена на светот“, сака да патува во различни земји и да запознава различни култури, пишува Агенција Анадолија (АА).
Дваесет и четиригодишната Румејса Гелги страда од Вивер-синдром, а живее со своето семејство во областа Сафранболу во Карабук, Турција.
Таа за АА истакна дека со висина од 2 метри и 13 сантиметри во 2014 година била „Највисоката млада девојка на светот помлада од 18 години“, а оваа година во Гинисовата книга на рекорди влегла како „Највисоката жена на светот со висина од 2 метри 15 сантиметри“.
Наведувајќи дека престанала да расте пред околу 15 години, Румејса Гелги рече дека разликата меѓу двата рекорда се должи на искривувањето на 'рбетот и дека е многу среќна поради тоа што добивала многу честитки за новиот рекорд.
Истакнувајќи дека работи во областа за развој на веб-страници, Гелги рече: „Сакам на ова поле да се подобрам што е можно повеќе. Сакам да напредувам во кариерата. Имам многу соништа, но јас за соништата сакам да зборувам откако ќе ги постигнам.“

- „Моето семејство е секогаш со мене“
Таа нагласи дека нејзиното семејство е нејзин најголем поддржувач.
„Имам физички проблеми, ми треба поддршка, семејството е постојано со мене. Покрај тоа што Вивер-синдромот е дефиниран како болест, во моментов не сум болна. Само има некои карактеристики кои ги носи синдромот. Нарушувањата што ги носи синдромот ги имам уште од моето раѓање. Со нив се справивме со третмани и операции. Немам никаков проблем. Мојот најголем предизвик е физичката мобилизација,“ истакна таа
Гелги рече дека може да пешачи само кратко и дека превозот на подолги патеки го обезбедува со инвалидска количка.
„Би било подобро паркинг-местата за инвалиди да не се пополнуваат од страна на лица кои не се со инвалидитет“, додаде Гелги.
- „Никогаш не сум бил во странство“
Посочувајќи дека досега никогаш не патувала со авион и дека сите патувања ги правела по копнен пат, Гелги нагласи дека никогаш не била во странство.
Гелги истакна дека може да седи два часа, рече дека после тоа чувствува потреба да легне и да се одмори.
„Не можам да патувам со авион во седечка положба. Треба да има место каде што ќе можам да легнам за да патувам со авион. Тоа не може да се изведе на стандардните седишта во авионите. Тука на виделина излегуваат моите физички карактеристики и моите проблеми. Како прво многу сум висока, не можам да легнам ниту на седиштата кои можат да се спуштаат. Исто така поради проблемот со зглобот на коленото не можам да седам на многу ниски места. Не можам да седам на седишта пониски од 50-55 сантиметри. Единствената опција за мене во авион е да патувам на носилки, но за жал ова е многу напорен процес“, рече Гелги.
Подвлекувајќи дека сака да патува во други земји, Гелги рече: „Многу сакам да патувам во различни земји во светот и да се запознаам со различни култури. Добив понуди од различни земји. Кога за прв пат станав рекордерка, добив понуди од Полска и Франција. Овој пат добив покана од Русија. За жал, не можев да одам во ниту една земја. Секако дека би сакала да одам.“