İlyas Kaçar
18 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамките на истрагата за исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги, турските истражители го завршија прегледот на резиденцијата на саудискиот генерален конзул во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските експерти од заедничката работна група за истрага на случајот „Кашоги“ рано утрово ја напуштија резиденцијата на саудискиот конзул.

Во текот на синоќешната истрага, истражителите извршија детален преглед на објектот и дворното место на резиденцијата во потрага по траги кои би можеле да го расветлат исчезнувањето на саудискиот новинар.
Саудискиот конзул Мухамед ал Отаиби ја напушти Турција ден пред влегувањето на истражителите во неговата резиденција, а истрагата за случајот и понатаму трае.

Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Познат е како критичар на политиката која ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“ (Al Watan), кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.
Во Турција е започната истрага за неговото исчезнување, а репортер на агенцијата „Ројтерс“ (Reuters) претходно јави дека Кашоги е убиен во Конзулатот, откако неколку дена поминал како заложник. Истото тврдење го објави и Асоцијацијата на турски и арапски медиуми, од која тврдат дека имаат и докази.