Muhammed Boztepe,Aybüke İnal
14 Февруари 2019•Ажурирај: 15 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Турција, Сулејман Сојлу, денеска во Анкара изјави дека безбедносните сили од почетокот на годината заплениле 5 тона хероин, и дека тоа количество е еднакво на запленетиот хероин за цела 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Сојлу престојуваше во местото Алтиндаг, во близина на главниот град Анкара, каде што беше разговарано со локалните претприемачи. Во обраќањето се осврна на борбата против криумчарење на наркотици, која ја спроведуваат припадниците на турската полиција.
Тој ги прокоментира критиките во врска со неговата претходна изјава во која, обраќајќи се на турските полицајци, порача: „Доколку пред училиштето видите дилер, скршете му ги нозете.“
„Дали реков нешто погрешно? Во понеделникот запленивме најмалку 7 тони марихуана, од кои 5 во Дијарбакир и 2 тона во Истанбул. Уште еден многу важен податок. Од почетокот на годината запленивме 5 тона хероин. Тоа количество е еднакво на запленетиот хероин во 2016 година. Значи, она што го запленивме во 2016 година, тоа количество сега го запленивме во рок од 1,5 месец“, изјави Сојлу.
Според неговите зборови, во затворот во моментот се наоѓаат 57.300 трговци на наркотици.
Сојлу додаде дека припадниците на полицијата ја продолжуваат борбата против тероризмот.
„Во тек се нашите акции на источниот и југоисточниот дел на земјата, таму спроведуваме околу 300 акции. Само вчера нашите полицајци уништија најмалку 15 засолништа“, изјави Сојлу.