Halil Demir
14 Февруари 2019•Ажурирај: 15 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во извештајот за 2018 година Полициската дирекција во Истанбул откри низа фрапантни детали во врска со бруталното убиство на новинарот Џамал Кашоги, кое се случи на 2 октомври во саудискиот Конзулат во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот за минатогодишните активности на турската полиција во Истанбул се наведува дека во комплексот на саудискиот Конзулат се наоѓаат два бунара за вода и печка на дрва и плин. Исто така, се наведува дека станува збор за печка во која температурата достигнува и до високи 1.000 степени Целзиусови и во која е можно да се уништат сите траги на ДНК.
Во извештајот, исто така се наведува дека меѓу 15 лица, кои на денот на убиството на Кашоги пристигнале од Саудиска Арабија во истанбулскиот Конзулат, се наоѓал и 47-годишниот експерт на Министерството на Саудиска Арабија за форензичка медицина, Салах Мохамед А. Тубајги. Станува збор за експерт, кој титулата доктор на науки ја стекнал со тезата за анализа на ДНК-примероци од коскено ткиво.
Се наведува дека тој експерт бил способен да провери дали останале ДНК-траги, откако е убиен новинарот, а потоа неговото тело уништено и запалено.
Во извештајот на турската полиција се наведува дека 15-члениот тим на убијците на Кашоги, по свирепото убиство, од познат истанбулски ресторан нарачале достава на 32 порции непечено месо во саудискиот Конзулат.
„Сакале, не сакале, тоа наметнува низа прашања... Дали планот бил да се испече месото во печката? Секако дека сето тоа ќе биде откриено. Сѐ уште не е завршено истражувањето“, се наведува во извештајот.
Во рамките на истрагата за убиството на Кашоги, Одделот на турската полиција за борба против тероризмот примил вкупно 224 дојави, а во извештајот се наведува дека една од најинтересните дојави била од САД.
Лицето се претставило дека работи во американската агенција НАСА и на турската полиција ѝ пријавило дека новинарот Кашоги бил однесен во Каиро и таму убиен.
Турската полиција понатаму наведува дека сите дојави се земени на обработка.
Во понатамошниот текст на извештајот на турската полиција за минатата година се наведува дека службеник ја отворил вратата и го внел Кашоги во Конзулатот.
„Истиот службеник на Конзулатот не ја пренел информацијата во Конзулатот дека пред вратата го чека свршеницата на Кашоги, Хатиџе Џенгиз. Доколку го сторел тоа, можеби би го запрел убиството. Постои уште една веројатност... Можеби Хатиџе Џенгиз би била втората жртва на ова свирепо убиство“, се наведува во извештајот.
Сите траги на бруталното погубување на новинарот Кашоги во саудискиот Конзулат се исчистени со хемиски средства.
Во извештајот на турската полиција се наведува и дека членовите на тимот за убиството на Кашоги од хотелот однеле рачни куфери и дека на снимките на надзорните камери јасно се гледа како куферите со леснотија ги носеле при влегувањето, додека значително повеќе се мачеле при нивното изнесување.
Според сите досегашни информации, турските истражители и понатаму тврдат дека постои можност дека Кашоги е свирепо убиен, а дека неговото тело потоа е исечено и запалено.