Mehmet Yılmaz Güldaş
06 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денес изјави дека во Турција денеска се наоѓаат помалку од 700 терористи, бидејќи земјата презема значајни антитерористички мерки на своите граници за да го блокира влезот на терористите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во Турција се наоѓаат помалку од 700 терористи. Влезот на [терористите] во земјата е исто така мал. 12 лица влегле во [Турција] од јануари. Ние преземаме сериозни мерки на нашите граници“, изјави министерот Сојлу, кој беше гостин на уредничкиот деск на АА.
Во врска со борбата на Турција против терористичката организација ПКК, Сојлу изјави дека Турција планира да спроведе заедничка антитерористичка операција со Иран против таа организација. Тој, исто така, ја критикуваше ПКК поради регрутирањето на малолетни лица во својата борба против Турција.
ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, и која води терористичка кампања против Турција над 30 години, е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.
Турскиот министер за внатрешни работи, Сојлу, исто така рече дека Турција соработува со европските и со арапските земји во борба против лицата поврзани со тероризмот, а сѐ со цел јакнење на безбедноста на туристите во Турција.
Сојлу се најде на удар на арапските и некои други медиуми кои неговите изјави за одлучноста на Турција во борба против терористите на ФЕТО и ПКК неосновано ги окаректеризираа како закана за безбедноста за туристите. Утрово турското Министерство за надворешни работи ги отфрли таквите наводи и порача дека туристите од целиот свет секогаш се добредојдени во земјата која е позната по традиционалното гостопримство.
- ФЕТО заработува 800 милиони долари само од чартер училиштата
„Терористичката организација ФЕТО заработува 800 милиони долари само од чартер училиштата финансирани од САД и 200 милиони долари во донации", рече Сојлу.
ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а беа ранети речиси 2.200. Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за рушење на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и правосудството.