Büşra Nur Bilgiç
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
ДИЈАРБАКИР (АА) - Сѐ повеќе семејства се приклучуваат на мирните протести пред седиштето на Народната демократска партија (HDP) во Дијарбакир, на кои мајките бараат да им се вратат децата кои се однесени во терористичките кампови, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите започнаа на 3 септември, а пред седиштето на ХДП утринава од градот Батман пристигна и Мелике Акдоган, чиј син Абдулкадир минатата година беше однесен во планините.
„Мојот син, ученик во прва година во средно училиште, еден ден не се врати дома. Неговите пријатели во училиштето не знаеја каде е. Го измамиле и однеле во кампот. За три дена ќе биде една година откога го нема. Абдулкадир, сине, доколку ме слушаш, врати се кај мајка ти, не се плашиме од ништо, ќе решиме сѐ“, порача Акдоган.
Неодамна на мирните протести во Дијарбакир се придружија и пет семејства од Иран кои тврдат дека ПЈАК, односно иранскиот огранок на ПКК, ги однел нивните деца во терористички кампови.
Тие изјавија дека никогаш не се откажале да ги бараат своите деца и дека поради тоа се придружиле на семејствата на протестите во Дијарбакир.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во август ги поддржа мајките и семејствата кои протестираат пред седиштето на ХДП во Дијарбакир.
„Ние сме покрај мајките. Државата прави сѐ што може. Терористите бегаат, а ние ги прогонуваме. Порано или подоцна, сите ќе одговараат“, порача Ердоган.
На социјалните мрежи е покрената и кампања за поддршка на мајките кои ја обвинуваат партијата ХДП за врбување и носење на малолетници и млади лица во терористичките кампови на ПКК во југоисточниот дел на Турција. Поради тоа, мајките го продолжуваат протестот кој го започна Февзије Четинкаја.
Четинкаја, инаку, има 11 деца, а на 30 август на полицијата пријави дека активистите на Народната демократска партија (HDP) кдинапирале и во терористички камп го однеле синот С. Четинкаја.
Четинкаја на 3 септември започна мирен протест пред зградата на ХДП, а со неа тогаш беа и сопругот Шахап и нивните четири деца. Подоцна Омер Т. и Ремзије А., исто така дојдоа пред седиштето на ХДП и го поддржаа протестот на Четинкаја и нејзиното семејство, тврдејќи дека терористичката организација ПКК ги киднапирала и нивните деца.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.
Партијата ХДП се товари за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на партијата се обвинети за ширење на терористичката проганда и пружање помош на терористите.