Sertaç Bulur
16 Февруари 2018•Ажурирај: 17 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Министерството за внатрешни работи на Турција денес соопшти дека од октомври 2015 година во соработка со граѓаните се пронајдени и неутрализирани 165 терористи од листата на барани, која Министерството за внатрешни работи претходно ја сподели со јавноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено, листата е дополнета и сега на неа се наоѓаат 879 терористи. Имињата на бараните членови на терористичките организации се распоредени во пет категории, а на црвената листа се најде и поранешниот водач на ПЈД, огранокот на терористичката организација ПКК во Сирија. На црвената листа е и водачот на терористичката организација ТХКП Михрач Урал, додека Фахрије Ердал, која се бара поради убиство на турскиот бизнисмен Оздемир Сабанчи е на сината листа.
На црвената листа на барани терористи е и водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, кој престојува во САД, како и неговиот близок соработник Адил Оксуз. На црвената листа се вкупно 10 членови на терористичката организација ФЕТО.
Како соопшти турскиот МВР, врз основа на дојавите на граѓаните и со нивна помош од октомври 2015 година се пронајдени и неутрализирани вкупно 165 барани терористи. На граѓаните врз основа на наградите распишани за информациите кои ќе доведат до апсење на бараните лица, до сега се поделени околу три милиони евра.
Наградата предвидена за информациите кои ќе доведат до пронаоѓање и апсење на терористите од црвената листа изнесува милион евра и се намалува според категоријата во која е името на баранато лице. Најниската предвидена награда изнесува околу 75 илјади евра.