Halil İbrahim Sincar
12 Март 2026•Ажурирај: 12 Март 2026
МАРДИН (АА) - Во срцето на античкиот Мардин, уметникот на минијатури Сејфетин Челик, меѓу народот познат како мајстор Софи, создава чуда што пркосат на вообичаеното. Со методот на „негативно гравирање“ (длабење на внатрешноста или заднината за да се истакне дизајнот) во внатрешноста на зрната на бројаниците ги изработува симболичните џамии на Турција, јавува Анадолу.
Челик, кој од детството се занимава со изработка на бројаници, по дипломирањето на Отсекот за сликарство при Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Диџле“ во турскиот град Дијарбакир, го продолжил образованието на Отсекот за традиционални турски уметности на Универзитетот „Мимар Синан“ во Истанбул. Додека студирал и работел во Истанбул, се заинтересирал за уметноста на негативното длабење и минијатурата.
Откако со сопствени средства го научил методот на негативно гравирање, кој вообичаено се користи за изработка на камења за прстени, со текот на времето Челик почнал да обработува различни фигури во внатрешноста на зрната на бројаниците.
Челик, кој на главниот дел на бројаницата (имаме) ја изработува Големата џамија во Мардин (џамијата Улу), во другите зрна во форма на минијатури ги врежува историските и симболичните џамии, како Аја Софија, Селимије и Султан Ахмет.
Неговите дела, чија изработка трае со недели и месеци, привлекуваат огромно внимание.
- „Јас сум единствен во светот што ја приспособи уметноста на негативно гравирање на бројаници“ -
Челик на дописникот на Агенција Анадолу (АА) му раскажа дека уште за време на образованието развил голем интерес за традиционалните ракотворби, а токму во тесните сокаци на истанбулската Капали чаршија, се сретнал со уметноста на негативното гравирање.
„Ми требаше време да научам како се прави тоа. Оваа уметност ја видов на неколку прстени. Тоа е уметност што се чува како тајна, ретко некој сака да подучува на тоа. Морав сам, низ бескрајни обиди и грешки, да го пронајдам патот до нејзината суштина. Прво правев негативно длабење на накит и камења. Потоа помислив дали би можел оваа уметност да ја приспособам за бројаници. По долги истражувања и обиди, успеав. Во моментов, јас сум единствен во светот што може да ја примени уметноста на негативно длабење на бројаници“, изјави Челик.
Тој посочи дека по завршувањето на образованието се вратил во родниот Мардин, каде што веќе 12 години ја работи на својата уметност и произведува многу дела за колекционери.
- „По долги напори, успеав“ -
Објаснувајќи го процесот, Челик вели дека прва е фазата на изработка на бројаницата, потоа ги врежува минијатурните храмови во средината на секое зрно преку техниката негативно длабење, а работата ја завршува со минијатурно боење. Тој нагласи дека изработката на некои негови дела трае со недели, а за некои се потребни дури и месеци целосна посветеност.
Споделувајќи ја радоста на творењето, уметност на која ѝ го посветил животот, Челик рече:
„Моето восхитување кон величественоста на џамиите ме натера духот на Аја Софија и Султан Ахмет да ги преточам во минијатурна уметност. Си помислив, зошто да не ги минимизирам различните грандиозни архитектонски градби во Турција и да не ги ставам во внатрешноста на бројаниците? По бескрајни и макотрпни напори, успеав во тоа.“
Челик сподели дека се стреми да ја промовира оваа уметност во светот и да допре до колекционерите низ планетата, изразувајќи желба и надеж дека неговата техника ќе стане трајно сведоштво за човечката способност да го зачува светото во микроскопски димензии, низ светот.