Ebru Şengül
07 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
ГАЗИМАГУСА (АА) - Бродот за дупчење (сондажа) од шестата генерација „Јавуз“ ги започна своите операции на локацијата Карпаз-1 во Заливот на Газимагуса, познат и како Фамагуста, во Турската Република Северен Кипар, јавува Anadolu Agency (AA).
„До денес, достигнавме длабочина на дупчење од 1.710 метри. Овде треба да реализираме програма во траење од 2,5 до 3 месеци“, истакна Фатих Донмез, турскиот министер за енергетика и природни ресурси, по неговата денешна посета на бродот „Јавуз“ заедно со премиерот на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Ерсин Татар и министерот за економија и енергетика на ТРСК, Хасан Тачој.
Тој изрази надеж дека кога ќе ја достигнат целната длабочина на дупчење, ќе најдат ресурси на природен гас.
Пролетта Анкара ги испрати двата брода за сондажа - „Фатих“ и „Јавуз“, во Источниот Медитеран, со што се застана зад правото на Турција и Турската Република Северен Кипар во однос на ресурсите во регионот.
„Бродот за дупчење „Јавуз“ е најновиот брод во нашата флота, додека бродот „Фатих“ исто така продолжува да ги спроведува своите активности западно од островот“, рече Донмез.
Првиот брод за геолошки, сеизмички истражувања „Барбарос Хајретин-паша“ кој Турција го купи од Норвешка во 2013 година, спроведува истражувања во Медитеранот од април 2017 година.
„Во август, нашиот втор сеизмички брод „Оруч Реис“, исто така, ќе биде испратен во Средоземното Море. Со што ќе продолжиме со нашите истражувања и активности за дупчење во Средоземното Море со двата сеизмички и двата брода за дупчење“, рече Донмез.
„Оруч Реис“ спроведува сеизмички истражувања во Црното и Мраморното Море од август 2017 година.
Атина и администрацијата на кипарските Грци се спротивставија на потегот на Турција во Средоземното Море и се заканија дека ќе ги задржат бродовите, и ги повикаа лидерите на ЕУ да ги осудат турските активности.
Истакнувајќи ја силната поддршка на Турција за правата на турскиот народ што живее во Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Донмез истакна дека Владата на ТРСК минатиот месец предложила формирање механизам за соработка за заедничко истражување и споделување на профитот од ресурсите на јаглеводороди (ресурсите на фосилни горива) околу островот Кипар. Сепак, овој предлог беше отфрлен од администрацијата на кипарските Грци.
„Уште еднаш би сакал да кажам дека состанувањето на двете страни со цел да се направи проценка на овој предлог ќе биде во корист на сите страни. И уште еднаш би сакал да кажам дека сме подготвени да го поддржиме овој состанок како земја гарант“, вели Донмез.
Турција континуирано реагира за спроведените еднострани дупчења на администрацијата на кипарските Грци во Источниот Медитеран, тврдејќи дека и Турската Република Северен Кипар исто така има право на ресурсите во подрачјето.
Во 1974 година, по пучот кој имаше за цел анектирање на Кипар од страна на Грција, Анкара мораше да интервенира како гарантна страна. Во 1983 година формирана е Турската Република Северен Кипар.
Оттогаш, направени се неколку обиди за решавање на кипарското прашање, но завршија со неуспех. Последниот таков обид, одржан во 2017 година во Швајцарија, со учество на земјите гаранти, Турција, Грција и Велика Британија, заврши без никаков прогрес.