Sena Güler
14 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со неговиот руски колега Владимир Путин за последните случувања во Идлиб, Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, на социјалната мрежа Твитер напиша: „Ердоган изрази загриженост во врска со прекршувањата на прекинот на огнот во изминатите две недели од страна на силите на режимот Башар ал Асад во зоната за деескалација во Идлиб.“
Ердоган исто така нагласил дека таргетирањето на цивилите, училиштата и болниците не може да се смета како борба против тероризмот.
Тој потенцирал дека режимот на Асад има цел да ја саботира соработката на Турција и Русија во Идлиб и да му наштети на духот на Договорот од Астана, нагласувајќи дека зголемените тензии во регионот ќе го загрозат формирањето на Уставниот комитет во Сирија и политичкиот процес.
Додека двајцата лидери ја потврдиле својата посветеност на Договорот за Сочи, Ердоган истакнал дека нападите ќе им наштетат на нивните заеднички цели.
Ердоган и Путин минатиот септември се согласија за создавање на зона без судири во Идлиб во која актите на агресија се строго забранети.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.