Ebru Şengül Cevrioğlu
13 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
ИЗМИР (АА) - Министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Фатих Донмез, соопшти дека Турција кон крајот од годината ќе започне со домашно производство на литиум, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Донмез во објавата на социјалната мрежа Твитер напиша: „Започнавме со производството на литиум од бор. Домашно произведениот литиум ќе се користи за батериите во електричните автомобили, телефоните и таблетите. Со производство ќе започнеме кон крајот на годината.“
На почетокот Турција ќе започне со производство од 10 тони литиум годишно, но тоа се очекува да порасне на речиси 500 тони за две до три години.
Со оглед на тоа што Турција годишно увезува скоро 1.200 тони литиум годишно, ова претставува значителен обем на домашно производство и заштеда од увезување, кое е поскапо.
Литиумот ќе се користи во клучните технологии на ќелиите и софтверот за електрични возила, особено кај првиот турски електричен автомобил произведен целосно во Турција.