Emin Avundukluoğlu
25 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Над 3.900 судии и обвинители се разрешени по неуспешниот обид за државен удар во 2016 година во Турција, изјави денеска турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бројот на судии и обвинители кои се разрешени од 15 јули [2016] изнесува 3.926“, соопшти Ѓул пред членовите на Комисијата за планирање и буџет при турскиот Парламент.
„Заканата од [терористичката организација] ФЕТО, всушност не започна во текот на ноќта на 15 јули, и не заврши во утринските часови на 16 јули“, истакна тој.
Ѓул рече дека Турција се соочува со терористичка организација, која се инфилтрира во државните институции веќе 40 години.
„Знаеме дека не е точно да се каже „ја завршивме борбата со оваа терористичка организација за 40 дена“, истакна тој.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стои зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку нејзино инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Ѓул потсети дека Турција до САД испратила вкупно седум барања за екстрадиција за водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен.
Тој додаде дека од 2016 година досега се завршени 270 од вкупно 289 случаи поврзани со обидот за пуч.