Handan Kazancı
11 Февруари 2021•Ажурирај: 12 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот потпретседател Фуат Октај ја нагласи потребата за дводржавно решение за долго поделениот остров Кипар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Можеме да разговараме и да преговараме за две одделни држави врз основа на две еднакви држави и две еднакви општества на Кипар“, рече Фуат Октај, зборувајќи за државниот радиодифузер БРТ на Турската Република Северен Кипар (ТРСК).
„Можеме да разговараме како да го реализираме ова, но сега [идејата за] федерална држава е оставена назад“, додаде Октај, кој престојуваше во официјална посета на Северен Кипар.
Кипар е поделен на два дела во 1974 година, кога кипарските Грци, извршувајќи државен удар, започнаа бран насилства врз кипарските Турци, што предизвика реакција од Анкара, која оттогаш е гарант на мирот во северниот дел на островот.
Со децении наназад имаше неколку обиди за решавање на кипарскиот спор, кои завршуваа со неуспех. Последниот состанок, одржан во 2017 година во Швајцарија со учество на земјите гаранти - Турција, Грција и Велика Британија - исто така заврши без напредок.
Турција неодамна нагласи дека напорите за федерално решение за поделениот остров Кипар се покажале безнадежни и дека идните разговори мора да се фокусираат на две одделни суверени држави на островот.
- Источен Медитеран -
Во врска со тензиите во Источниот Медитеран, Октај потсети на предлогот од Турција за мултилатерална конференција за ова прашање.
„И ОН и ЕУ го поздравија ова. Ние рековме, секако под еден услов, претставниците на грчко-кипарската заедница се поканети на оваа конференција заедно со оние од ТРСК. Тие ќе дојдат заедно или нема да дојдат воопшто“, изјави тој.
„Проблемите во Источниот Медитеран можат да се дискутираат со целосна јасност.“
Истакнувајќи дека со откривањето на ресурсите на јаглеводороди во Источен Медитеран, Кипар се претворил во фокусна точка за многу земји, Октај рече дека овие ресурси треба да бидат правично споделени.
Тензиите во Источниот Медитеран траат со месеци, бидејќи Грција ги оспорува правата на Турција за истражување на енергијата.
Турција, земја со најдолг континентален гребен во Источниот Медитеран, ги отфрли барањата за поморските граници на грчката администрација и на кипарските Грци и истакна дека овие прекумерни барања ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.
Грција наметна максималистички барања за поморските територијални граници врз база на малите острови кои се само неколку километри од турскиот брег. За да ги намали тензиите, Анкара повика на дијалог и преговори за да се обезбеди правично споделување на ресурсите во регионот.