Efe Özkan
09 Октомври 2025•Ажурирај: 10 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека го поздравува воспоставувањето прекин на огнот во Газа, надевајќи се дека тоа „ќе стави крај на геноцидот што се случува во последните две години“, јавува Анадолу.
Очекувајќи дека договорот за прекин на огнот ќе биде целосно имплементиран, во соопштението на Министерството се вели дека „со прекинот на огнот, императив е да се достави хуманитарна помош во Газа - каде што се случува хуманитарна катастрофа - и да се започнат напори за обнова на Газа без одложување. Турција ќе продолжи да обезбедува значителна хуманитарна помош за Газа во наредниот период“.
Посочувајќи дека траен мир на Блискиот Исток може да се постигне само преку праведно решавање на израелско-палестинското прашање, во соопштението се изразува надежта на Министерството „дека импулсот постигнат во преговорите за прекин на огнот ќе придонесе и за реализација на дводржавното решение во наредниот период“.
„Ги поздравуваме напорите на Катар, Египет и САД во посредувањето во преговорите за прекин на огнот. Турција ја потврдува својата посветеност активно да придонесува и да ја прошири својата поддршка во текот на фазите на имплементација на договорот за прекин на огнот“, се вели во соопштението.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Хамас ја потпишале првата фаза од договорот за Газа предложен од САД.
Планот од 20 точки, првично објавен на 29 септември, вклучува ослободување на сите израелски заробеници во замена за палестински затвореници, прекин на огнот, разоружување на Хамас и обнова на Газа.
Од октомври 2023 година, во израелските напади во Газа убиени се речиси 67.200 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Немилосрдното бомбардирање ја остави Газа во голема мера непогодна за живот, доведе до глад и ширење на болести.