Hamdi Çelikbaş
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за одбрана објави дека Ерменија го прекршила примирјето во Товуз убивајќи еден азербејџански војник, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Ерменија веднаш да престане да си игра со оган“, порача турското Министерство за одбрана преку својот профил на Твитер.
„Ерменија, која нелегално го окупираше Нагорно-Карабах, сега го прекрши прекинот на огнот во регионот Товуз и уби храбар азербејџански војник. Изразуваме сочувство до сите наши браќа и сестри во Азербејџан“, додава Министерството.
Азербејџанскиот министер за надворешни работи, Џејхун Бајрамов, кон крајот на август рече дека Ерменија продолжува да го поткопува решението за судирот во Нагорно Карабах.
„Со жалење сакам да нагласам дека нема напредок за решавањето на судирите во Нагорно Карабах, Ерменија и понатаму држи под окупација 20 отсто од меѓународно признатата територија на нашата земја. Матичното население на Азербејџан е протерано од овие територии. Нивните домови ги населија етнички Ерменци од странство, што претставува грубо кршење на меѓународното хуманитарно право, пред сè Женевските конвенции“, рече тогаш Бајрамов.
Ерменската војска на 12 јули започна со напади врз позициите на азербејџанската војска во Товуз, а азербејџанската страна одговори на нападите и го спречи ерменскиот обид за окупација на пограничните делови на тој стратешки важен регион.
Ерменија на почетокот од 1990-тите години го окупираше азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах и уште седум соседни азербејџански региони, а досега во многу наврати примирјето договорено од двете земји во 1994 година беше прекршено.
За разлика од досегашните судири кои избиваа на линиите на разграничување на окупираните азербејџански региони, ерменските сили овој пат судирите ги започнаа на границата меѓу двете земји.