Meltem Öztürk
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Големото народно собрание на Турција донесе одлука со која се осудува, одбива и отфрла Резолуцијата на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Потпретседателот на Парламентот, Суреја Сади Билгич, ја прочита одлуката потпишана од претседателот на Парламентот, Мустафа Шентоп, а потоа за одлуката гласаше Генералното собрание.
Во донесената одлука стои: „Ние како Големо народно собрание на Турција силно ги осудуваме и ги отфрламе наводните тврдења за ерменски геноцид покренати од некои кругови, а усвоени од страна на Претставничкиот дом на САД, кој тие тврдења ги прифати, и покрај приговорите на членовите кои имаат разум и совест.“
Исто така, во одлуката се истакнува дека Турција, наспроти овие тврдења, отсекогаш се залагала за отворање на архивите, дека таа задача е на историчарите и дека ваквите иницијативи на политичарите се бесмислени и поттикнуваат омраза.
Во однос на Нацрт-законот за санкциите кон Турција, се нагласува:
„Одлуката на Претставничкиот дом на САД за санкции кон Турција, за нас претставува само обид за уцена. Креаторите на политиките ги известуваме дека Турција никогаш не потклекнала на уцените, и оваа одлука силно ја отфрламе како една целина во Парламентот.“
Во одлуката на Големото народното собрание на Турција исто така се посочува дека некои политичари на систематски начин сакаат да ги уништат односите меѓу Турција и САД кои се базираа на долгогодишни стратешки врски, пријателство и соработка во борбата против тероризмот. Ваквата политики кои се базираат на евтини интереси, Турција остро ги осудува и ги отфрла.