Bestami Bodruk
17 Мај 2017•Ажурирај: 17 Мај 2017
ЕЛАЗИГ (АА) - Припадниците на локалните безбедносни сили, 20-годишните Хилал Бичер и Сумејра Карабулут, со знаења стекнати од нивните татковци, придонесуваат за безбедноста во Елазиг, во источна Анадолија, Турција.
Двете ги имаат поминато обуките, а се одговорни за безбедноста во планините, во кои слична задача со години вршеле и нивните татковци.
Рамо до рамо со војниците и полицајците, тие се борат против припадниците на терористичките организации.

Хилал Бичер за Anadolu Agency (AA) изјави дека оваа задача ја наследила како најстаро дете во семејството.
„На пoчетокот ми беше страв од оружје, но откако почнав да се занимавам со оваа работа, забележав дека е поинаква. Да се носи оваа униформа е посебно чувство. Ја одбрав оваа работа бидејќи ја сакам мојата татковина“, вели Бичер.
Таа додаде дека откако било прифатено нејзиното барање за извршување на должноста територијален стражар, била поканета на обука, на која, како што вели, им било малку потешко отколку на машките колеги.
„Со другите членови од единиците на локалните безбедносни сили го пребаруваме теренот. Ние сме тука за да покажеме дека бдеењето за земјата не е својствено само за мажите", објаснува Бичер.
Сумејра Карабулут е горда што ја исполнува желбата на татка си, барем едно негово дете да ја извршува таа работа.
Таа рече дека поднела барање, без да му каже на својот татко, и дека убавата вест му ја соопштила откако била примена.
Таа додаде дека во текот на едномесечната обука имале можност да се запознаат и да употребуваат оружје и дека оваа работа може да биде тешко за една жена, но оти ја сметаат за света.
„Не се плашиме. Оваа работа е работа што ми останала од татко ми. Многу би сакала и моите деца да се занимаваат со истото", вели Карабулут.
Лидерот на тимот во кој се наоѓаат Бичер и Карабулут, Јилмаз Унер, е среќен што неговите пензионирани пријатели ги наследиле нивните ќерки.
„Сите заедно ќе се бориме против предавниците. Од предавниците ќе бараме да дадат отчет за пролиената крв на секој херој", рече Унер, кој додаде дека е горд на своите колеги.