Zehra Nur Düz
05 Септември 2021•Ажурирај: 06 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Грција мора да стави крај на нејзините интервенционистички практики и политики на притисок врз муслиманските верски лидери избрани од турското малцинство во Западна Тракија, порача турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу се огласи преку Твитер откако Ибрахим Шериф, претседателот на Советодавниот одбор на турското малцинство во Западна Тракија и избран муфтија на Комотини, сподели објава на Твитер во која се вели дека ќе му се суди за наводна „узурпација на функцијата“ поради верска церемонија на која присуствувал пред пет години.
Осудувајќи ја неодамнешната одлука на грчкиот суд, Чавушоглу истакна: „Ние стоиме покрај нашите сонародници во заштитата на нивните права што произлегуваат од Договорот од Лозана и верските слободи.“
Со векови наназад, население од 150.000 Турци муслимани живее во областа Ксанти (Искеџе) во грчката област Западна Тракија.
Изборот на муфтии од страна на муслиманите во Грција е регулиран со Атинскиот договор од 1913 година, пакт помеѓу Грците и Османлиското Царство, што Атина го имплементира во 1920 година.
Но во 1991 година, кршејќи го меѓународното право, Грција го поништи својот закон во врска со Договорот од 1913 година и незаконски започна да назначува муфтии.
Муфтиите назначени од грчката држава оттогаш ги узурпираа правата на локалните муслимани за семејните и наследни прашања.
Повеќето Турци муслимани во Западна Тракија одбиваат да ги признаат муфтиите назначени од грчката држава и наместо тоа избираат свои муфтии.
Меѓутоа, од 1991 година, грчката држава одбива да ги признае избраните муфтии, а властите судски ги гонат тие муфтии.
Турција го осудува грчкото кршење на правата на муслиманското и турското малцинство, од затворањето џамии и занемарувањето на историските џамии до одбивањето да се дозволи локалните групи да го користат зборот „турски“ во нивниот назив.
„Овие мерки го прекршуваат Договорот од Лозана од 1923 година, како и пресудите на Европскиот суд за човекови права, со што Грција стана држава што го прекршува законот“, порачуваат турските власти.