АНКАРА
Во првите 36 часа на операцијата „Канџа тигар“, Турските вооружени сили уништија повеќе од 500 цели на терористичката организација со истрели од топови, повеќецевни ракетни фрлачи, беспилотни летала, Ф-16, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турските вооружени сили (ТСК), според планот продолжуваат со активностите на операцијата „Канџа тигар“, насочена против терористичката организација ПКК која во последниот период ги зачести своите обиди на вознемирување и напади од северниот дел на Ирак, претставувајќи закана за турските граници и безбедноста на населението.
Веднаш по операцијата „Канџа орел“, Турските вооружени сили ја започнаа операцијата „Канџа тигар“ во подрачјето Хафтанин, каде што во тек се воздухопловните напади и акции на единиците на командоси, во кои еден по еден се уништуваат терористичките цели.
И покрај тешките услови на теренот, турската војска според планираното успешно продолжува со операцијата, со која на теренот ги неутрализира поставените минирани стапици од страна на терористичката организација ПКК, уништувајќи оружје, муниција и средства за преживување.
Во првите 36 часа од почетокот на операцијата „Канџа тигар“, досега Турските вооружени сили уништија повеќе од 500 цели на терористичката организација со истрели од топови, тенковско гранатирање, повеќецевни ракетни фрлачи и напади со беспилотни летала и авиони Ф-16.
По гранатирањата на одредени подрачја од теренот по копно почнаа да навлегуваат единиците на командоси, а некои командоси на теренот беа транспортирани со хеликоптери. Командосите дел по дел го испитуваат тешкиот терен на надморска височина од 1.900 метри, откривајќи ги терористичките гнезда, а беспилотните летала постојано го следат подрачјето.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар и членовите на командата на ТСК продолжуваат со интензивната работа од Оперативниот центар на Командата на турските копнени сили.
Од Оперативниот центар министерот Акар и командниот персонал на копнените сили на Турција беа брифирани за случувањата на теренот, а преку видеоконференција Акар и командантите во текот на целата ноќ имаа видеоконференциска средба, одблизу следејќи ја ситуацијата на теренот и даваа упатства.
Министерот Акар во своето обраќање кон командантите истакна: „Операцијата „Канџа тигар“ се одвива сосема добро. Се надевам дека ќе продолжиме со истата сериозност и одлучност и ќе успееме и оваа операција успешно да ја завршиме.“
Потенцирајќи дека е многу важно да се осигура безбедноста на воениот персонал на теренот на кој се одвива операцијата, министерот Акар го рече следното:
„Нашите очи и уши се кај вас. Се обидуваме оттука да ги почувствуваме правот, земјата, ветрот и студот. Сите добро знаеме што треба да се стори за да се изврши должноста. Не дојдовме лесно до овие денови. Погледнете во минатото, во 2015 година, за местата за кои терористите велеа дека ’не може да се влезе‘, ’недостижни се‘, успеавме, ги откривме нивните засолништа, скривници и бункери и ги урнавме врз терористите. Се надевам дека на ист начин ќе напредуваме и ќе ја завршиме операцијата „Канџа тигар“, испишувајќи уште една златна страница во историјата на командосите. Уште еднаш со почит ги споменувам сите оние кои со својата крв и живот го дадоа својот залог да дојдеме до денешните денови, сите наши херои кои ги дадоа своите животи во минатото, посакувајќи им Божја милост. Им ја изразувам нашата благодарност на нашите ветерани.“
Командниот персонал соопшти дека борбата продолжува сѐ додека не биде неутрализиран и последниот терорист, и дека се подготвени да ја исполнат секоја должност која ќе биде дадена за таа цел.
news_share_descriptionsubscription_contact
