Büşra Nur Çakmak
27 Август 2025•Ажурирај: 28 Август 2025
Турција денес ги осуди и отфрли изјавите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во врска со настаните од 1915 година, јавува Анадолу.
„Изјавата на Нетанјаху за настаните од 1915 година е обид да се искористат трагичните случувања од минатото за политички цели“, се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
„Нетанјаху, кој е на судење за неговата улога во геноцидот извршен врз палестинскиот народ, се обидува да ги прикрие злосторствата што ги извршија тој и неговата Влада“, соопшти Министерството.
„Ја осудуваме и ја отфрламе оваа изјава што не е во согласност со историските и правните факти“, се додава во соопштението.
Турција се спротивставува на претставувањето на настаните како „геноцид“, опишувајќи ги како трагедија во која страдале двете страни.
Анкара повеќепати предложи формирање заедничка комисија на историчари од Турција и Ерменија, како и меѓународни експерти за да се разгледа прашањето.
Израел уби речиси 63.000 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.