Dilan Pamuk
06 Февруари 2021•Ажурирај: 07 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Деветтиот технички состанок меѓу турските и грчките воени делегации во Брисел заврши, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот во седиштето на НАТО се разговараше за воспоставување механизам за деконфликција меѓу двете земји поради споровите за поморските граници и други поврзани прашања.
НАТО во октомври соопшти дека таквиот механизам „е дизајниран да го намали ризикот од инциденти и несреќи во Источниот Медитеран. Тоа вклучува создавање линија на комуникација меѓу Турција и Грција, со цел да се олесни деконфликцијата на море или во воздух“.
Почнувајќи од септември, турската и грчката воена делегација одржаа низа технички разговори во седиштето на НАТО во Брисел за разговори за Источниот Медитеран.
На 25 јануари во Истанбул, турските и грчките претставници ја оценија состојбата во Источниот Медитеран, последните случувања и чекорите што треба да се преземат.
Турција, која има најдолго континентално крајбрежје во Источниот Медитеран, ги отфрли барањата за поморските граници на грчката и администрацијата на кипарските Грци, потенцирајќи дека со нив се кршат суверените права на Турција и на кипарските Турци.
Анкара минатата година испрати неколку бродови за сондажа да ги истражуваат енергетските ресурси во Источниот Медитеран, бранејќи ги своите права во регионот, како и правата на Турската Република Северен Кипар (ТРСК).
Турските претставници постојано нагласуваа дека Анкара е за решавање на отворените проблеми во регионот преку меѓународното право, добрососедските односи, дијалогот и преку преговори.