Behçet Alkan
07 Ноември 2021•Ажурирај: 08 Ноември 2021
НЕВШЕХИР (АА)
- Бехчет АЛКАН
Црквите, манастирите и капелите издлабени во карпите на Музејот на отворено Ѓореме, што во подрачјето на Кападокија секоја година се посетени од стотици илјади туристи, привлекуваат со нивната историска текстура и фрески кои им пркосат на времето.
Меѓу многуте верски објекти што се на списокот на светско културно наследство на УНЕСКО, црквите „Темнина“, „Ал Назар“, „Токали“, „Елмали“ и капелите „Света Варвара“ и „Свети Василиј Велики“ се меѓу најпосетуваните.
Црквите, капелите и манастирите, чии ѕидови и сводови во почетокот биле украсувани со едноставни цртежи, во III век, откако римскиот император Константин I го прифатил христијанството, почнуваат да се украсуваат со фрески. Овие верски објекти, иако изминале векови, успеале да ја задржат својата оригиналност.

Музејот на отворено Ѓореме спаѓа во групата на првите 10 најпосетувани туристички центри во Турција меѓу музеите поврзани со Министерството за култура и туризам. Оригиналните фрески „Раѓање“, „Крштевање“, „Влегување во Ерусалим“, „Патување во Витлеем“, „Поклонение на тројцата мудреци“, „Воскресение на Лазар“, „Тајната вечера“, „Исус на крстот“ и „Гостољубивоста на Авраам“ во црквите и капелите во Музејот на отворено во Ѓореме привлекуваат голем интерес кај туристите.
Туристичкиот водич Озај Онур за Агенција Анадолија (AA) изјави дека поради проблемите со кои се соочувале во римскиот период, христијанските заедници почнале да живеат во скриените долини на Кападокија во 67 година од нашата ера, а религиозните места изградени во тој период ги носат туристите на едно интересно патување низ историјата.
Наведувајќи дека христијанските народи во регионот можеле слободно да ја живеат својата религија во првиот век од нашата ера, Онур истакна: „Во тоа време, христијанството било забрането и потиснувано од страна на Римјаните. Кападокија за нив била многу важна. Тоа е место каде се вкрстуваат историските патишта на свилата и на зачините. Овој регион, иако е лесно достапен, во исто време нуди и лесна можност за криење. Во регионот има голем број скриени долини“.

- Во околината има 17 капели и цркви со различни големини
Наведувајќи дека во минатото регионот имал стратешка позиција за луѓето од христијанска вероисповед, туристичкиот водич Онур рече:
„Во Музејот на отворено Ѓореме има 17 капели и цркви со различни големини. Најдобро сочувана и најважна меѓу нив е Темната црква. Оваа црква доцна е откриена и завршено е со нејзиното чистење и реставрација. Регионот на Кападокија е богат со култура и историја. Доколку ги немаше црквите вдлабени во карпите на Кападокија, тогаш бројката на христијаните денес можеби би била помала од половина. Во овие цркви се спроведувало школување. Луѓето што ѝ припаѓаат на некоја религија, сакаат да видат каде се развила таа религија. Туристите што ќе ја посетат Кападокија имаат можност да ги видат културните наследства изградени и под земја и над земја.“

- Историските градби привлекуваат туристи
Џаима Луна, туристка од Панама, зборувајќи дека ги посетила историските цркви и капели издлабени во карпите во Ѓореме и ги разгледала фреските на ѕидовите, истакна: „Ова е многу важен регион на светско ниво. На сите им препорачувам да дојдат и да ги посетат овие подрачја кои се заштитени од УНЕСКО. Јас сум од католичка вероисповед. Многу сум импресионирана од историските фрески на светците тука.“
Мариус Далка, турист од Романија, изразувајќи ја својата импресионираност од фактот дека сè уште опстојуваат фреските врежани на ѕидовите пред неколку векови, истакна: „Ме привлекоа црквите изградени на овие простори во различни векови. Претходно имам патувано во голем број туристички места низ светот, но ова место е навистина уникатно.“
Тугче Ќучукадали, која е во посета на областа со пријатели, рече дека текстурата на регионот е интересна и дека дефинитивно ќе им препорача на своите најблиски да ја посетат Кападокија.
