Zuhal Demirci
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција остро ги критикуваше и ги оцени за неприфатливи неодамнешните изјави на шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц, кој изјави дека е непожелно турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да спроведува кампања во Австрија во пресрет на претстојниот референдум за уставните реформи што ќе биде одржан во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изјавата на австрискиот министер за надворешни работи и интеграции, Себастијан Курц, е во спротивност со демократските вредности, кон кои се очекува да биде посветена и Австрија, и тоа е само уште еден пример дека именуваниот настапува со предрасуди и со двојни стандарди. Тоа е неодговорно однесување што ги надминува сите мерки и за нас како такво е неприфатливо“, изјави портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хусеин Муфтуоглу.
Муфтуоглу истакна дека е демократско право на турските државјани во странство да учествуваат во изборните процеси во Турција, и дека тој процес нема никаква врска со политичката ситуација во Австрија, ниту во која било друга земја.
„Наспроти тврдењата на Курц, токму неговите изјави се тие што дискретираат и ги лишуваат од демократските права турските државјани во Австрија. Запрепастувачко и загрижувачко е тоа што изјавите на толку погрешно расудување доаѓаат од министер што е задолжен и за прашањата за интеграции“, изјави Муфтуоглу.
Муфтуоглу понатаму рече дека министерот Курц со таквата изјава ги надминал и радикално десничарските политичари, кои се познати по расизмот и омразата кон исламот.
„И покрај тие неодговорни изјави, се надеваме дека во Австрија ќе надвладее политичката култура и современата демократска вредност“, порача Муфтуоглу.
Министерот за надворешни работи на Австрија, Курц, неодамна изјави дека нема никакви препреки турскиот претседател Ердоган да дојде во билатерална посета на Австрија, но дека не сака Ердоган во таа пригода да им се обрати на турските државјани што живеат во Австрија и да зборува за процесот за престојниот референдум што во Турција ќе биде одржан на 16. април.