Adnan Koçhan
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
МАРДИН (АА) – Адвокатот Шехо Јусуф кој избегал од граѓанската војна во својата држава, Сирија, и со неговото семејство се преселил во подрачјето на Кизилтепе во градот Мардин, Турција, продава кебапи со една подвижна количка за да заработи за живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Јусуф кој работел како адвокат во градот Хасеки, Сирија, поради војната пред 3 години ја оставил својата професија, ја напуштил земјата, и со своето семејство се преселил во Истанбул.
Шехо Јусуф работел како садомијач во еден ресторан за да заработи за живот, а по некое време дошол во подрачјето Кизилтепе во градот Мардин, Турција.
Јусуф со својата сопруга и двете деца живее под кирија, и на улица продава кебапи со една подвижна количка.
Најголемата желба на Јусуф е да заврши војната и по враќањето во својата земја да продолжи со својата сакана професија.
- „Ми недостига мојата професија“ -
Јусуф за АА истакна дека во Турција, каде што дошле како резултат на многу тешкотии со кои се соочиле во татковината, имаат мирен живот.
Тој додаде дека во Турција се добро третирани и дека им се понудени секакви олеснувања, а своите деца ги испраќа во училиште за да го научат турскиот јазик.
Иако живеат удобно во Турција, Јусуф вели дека копнее по својата земја и професијата.
„Ми недостига мојата земја и работењето во мојата професија. Се надевам дека ќе заврши војната во Сирија, а ние ќе се вратиме во нашата земја. За секој човек, татковината е најубава. Таму беше нашиот дом, нашата работа“, вели Јусуф, кој истакна дека во случај да заврши војната, секој Сириец ќе посака да се врати во татковината.
„Ако ми се укаже можност, би сакал и тука да ја работам мојата професија. Ако државата ни го овозможи тоа, можеме и тука да работиме. Би сакал и во Турција да работам во мојата професија“, додаде Јусуф.