Burak Akay
21 Мај 2021•Ажурирај: 22 Мај 2021
ЧАНАККАЛЕ / АНКАРА / САМСУН
Во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО во Турција утринава од слобода се лишени 84 осомничени кои беа во бегство, а меѓу кои се и активни челници на таа терористичка организација во регионот Чанаккале, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за истрага која ја води Кабинетот на државното обвинителство во Чанаккале, а со утринската акција е разбиен ланецот на таа терористичка организација.
Во соработка со Разузнавачката служба на Турција (МИТ), турската полиција утринава изврши претреси на објектите кои терористите на ФЕТО ги користеа за сокривање и тајни состаноци и активности. За време на рациите во 14 турски градови од слобода се лишени 84 осомничени лица.
За време на претресите е запленета поголема сума на пари и други предмети, а приведените се предадени на надлежните правосудни институции на понатамошно процесуирање.
Меѓу приведените се осомничени кои активно раководеле со тајните терористички активности, вклучувајќи го собирањето помош за семејствата на терористите кои служат затворски казни и планирале бегство на терористите од Турција.
Со истрагата е утврдено дека терористите на ФЕТО тајно комуницирале со посредство на интернет и онлајн игри и дека во екот на пандемијата на Ковид-19, плански испраќале заразени терористи да се движат меѓу луѓето и така да го шират вирусот.
- Издадени се налози за приведување на уште 143 осомничени лица
Во рамките на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во правосудните институции на Турција, Кабинетот на обвинителството во Анкара утринава издаде налог за приведување на 60 осомничени лица.
Постапувајќи по налог на Обвинителството, турската полиција започна опсежна акција за приведување на осомничените. Досега од слобода се лишени 20 осомничени лица.
И Кабинетот на обвинителството во Самсун утринава издаде налози за приведување на 16 осомничени за членство во терористичката организација ФЕТО.
Се работи за истрага која Обвинителството ја води во врска со инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во турската војска. Меѓу осомничените има и неколку војници во активна служба.
Државното обвинителство на Турција води и истрага за инфилтрираните елементи на терористичката организација во полициските и во други безбедносни структури, а утринава издаде налози за приведување на 67 осомничени лица.
Меѓу осомничените се наоѓаат 17 лица кои се товарат дека активно учествуваат и раководат со терористичките активности на ФЕТО, а претходно се суспендирани од јавните функции. Полицијата трага за уште 50 осомничени поранешни полициски службеници, вклучувајќи и поранешни службени лица.
Постапувајќи по налог на Обвинителството, полицијата спроведува опсежни акции во чии рамки од слобода се лишени 49 осомничени лица.
- ФЕТО е терористичка закана за сите земји
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.