Ferdi Türkten,Ahmet Sertan Usul
05 Март 2021•Ажурирај: 07 Март 2021
АНКАРА
Во Анкара денеска е одржана државната церемонија и последното збогување со 11 припадници на турската војска кои вчера ги положија животите како шехиди во пад на хеликоптер на источниот дел на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Погребната молитва за 11 шехиди кои настрадаа во падот на воениот хеликоптер беше одржана пред Џамијата „Ахмет Хамди Аксеки“ во главниот турски град.
На погребната молитва и збогувањето со шехидите присуствуваа и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп, потпретседателот на Турција, Фуат Октај, претседателот на Републиканската народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, претседателот на Партијата на национално движење (МХП), Девлет Бахчели, началникот на Генералштабот, генерал Јашар Ѓулер, голем број државни министри, команданти на турските сили, челници на политичките партии и други воени и цивилни официјални претставници.
Ердоган во обраќањето по погребната молитва истакна дека за оние кои ги дале своите животи на патот на Алах не може да се каже дека загинале.
„И не велете за оние кои на патот на Алах загинале: ’Мртви се!‘ Не, тие се живи, но вие тоа не го знаете“, прочита Ердоган сура од Куранот, и додаде:
„Сега, додека се збогуваме со нашите 11 шехиди, се надеваме дека ние, живите, ќе бидеме едно под нашето знаме. Тоа е нашата вистинска желба. Сакам трпение од семејствата на шехидите, војската и целиот народ. Овие војници поради сите нас беа на тој пат и на тој пат настрадаа. Сите нас нѐ чека смрт еден ден. Степенот на шехидите е највисок степен и се надевам дека и ние кај Господарот ќе го достигнеме тој степен“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател по обраќањето изрази сочувство до семејствата на шехидите кои присуствуваа на погребната молитва.
По погребната молитва, ковчезите со шехидите, прекриени со знамиња на Република Турција се пратени во нивните родни места за да бидат закопани.
Најмалку 11 припадници на турската војска ги положија своите животи како шехиди во пад на хеликоптер на источниот дел на Турција.
Министерството за одбрана на Турција вчера соопшти дека е изгубен контакт со хеликоптерот, кој во 13:55 часот, по локално време, полетал од Бинѓол кон Татван, во близина на покраината Битлис. Од потрагата е утврдено дека дошло до пад на хеликоптерот во близина на селото Чекмеџе во Татван.
Продолжува истрагата во источниот дел на Турција каде што вчера падна воениот хеликоптер.