Kemal Karadağ,Mümin Altaş
22 Август 2016•Ажурирај: 22 Август 2016
АНКАРА (АА) - По измените на Законот за извршување на казнени санкции од 17 август до денес на условна слобода со зајакнати мерки пуштени се вкупно 22.198 затвореници во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
На условна слобода со зајакнати мерки на забрана од турските затвори од затворен тип излегоа 5.228 затвореници, додека од затворите од отворен тип излегоа 16.970 затвореници. Паралелно со тоа, од затворениот во отворениот тип затвори се префрлени 4.085 затвореници.
Со одлуката на турската Влада уведени се две измени на Законот за извршување казнени санкции кои се однесуваат на затворениците осудени за дела сторени пред 1-ви јули оваа година.
Првата измена се однесува на продолжување на служењето казна од една на две години со условна слобода. Така, на затворениците на кои до излегувањето од затворот на условна слобода им останале две години или помалку, со зајакнати мерки на забрана ќе можат уште сега да бидат пуштени од затвор.
Другата измена се однесува на осудените на затворска казна кои според претходните одредби право на условна слобода стекнале по две третини отслужена казна, а со новата одлука, исто така со зајакнати мерки на забрана, ќе стекнат право на условна слобода по отслужена половина од затворската казна.
Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, претходно соопшти дека во првата етапа на примената на измената на Законот за извршување казнените санкции од затвор ќе бидат пуштени 8.000 затвореници.
Од Министерството за правда појаснија дека станува збор за 38.000 затвореници кои во согласност со измените, заклучно со 17 август, стекнаа право на излез од затвор, а дека во наредниот период такви права ќе стекнуваат и другите затвореници според времето поминато во затвор.
Надлежните обвинителства веќе започнаа процес на проверка и обработување на податоците за пуштање на затворениците, кои со измените претходно стекнаа право за условна слобода.