Serdar Açıl,İsmet Karakaş,Cemil Murat Budak
07 Април 2021•Ажурирај: 08 Април 2021
АНКАРА (АА) - Во Турција денеска е донесена пресуда во рамките на судската постапка во која се судеа 497 лица, обвинети во врска со активностите во полкот на Претседателската гарда за време на обидот за пуч на терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
На читањето на пресудата во Високиот кривичен суд во Анкара присуствуваа притворените обвинети лица и адвокати.
Претседателот на Судот, Мурат Илхан, ја прочита пресудата според која поранешниот потполковник Умит Генчер, кој наложи читање на декларацијата за пучот врз Турската радио-телевизија (ТРТ) е осуден на тежок доживотен затвор поради кршење на уставниот поредок.
Поранешниот полковник Мухамет Тању Посхор, кој ја предводеше окупацијата на зградата на ТРТ, е казнет со двократна казна на тежок доживотен затвор.
Поранешниот мајор Федакар Акџа, кој за време на обидот за пучот го предводеше походот на тимот на полкот од Претседателската гарда на седиштето на Генералштабот, осуден е исто така со казна тежок доживотен затвор.
Поранешниот мајор Осман Колтарла, заповедникот на единицата на командоси на Гардискиот полк, кој беше одговорен за безбедноста на претседателскиот комплекс, осуден е на доживотен затвор.
Осудени се претходно приведените за време на акциите во рамките на истрагата за обид за воен удар на терористичката организација ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.