Ekipa
22 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
ДИЈАРБАКИР (АА) - Во турската област Дијарбакир приведени се осуммина од вкупно 17 осомничени, кои на социјалните мрежи ја пропагирале терористичката организација ПЈД/ПКК и ширеле невистини за операцијата „Маслинова гранка“, која во саботата во Африн ја покрена Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во Дијарбакир нареди приведување на 17 лица, кои се обидоа да ги испровоцираат Курдите во Турција и да ги повикаат да излезат на улиците, и ширеа провоцирачки фотографии и содржина од операцијата „Маслинова гранка“ кои не се вистинити.
За време на претресот на неколку адреси запленета е поголема количина на документи, пиштол без дозвола, пумпарица и соодветна муниција.
Се трага по девет лица.
И обвинителството во Истанбул започна истрага против 57 лица кои преку содржини на социјалните мрежи го величале тероризмот.
Во соопштението се потсетува дека Турските вооружени сили ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“ со цел неутрализирање на припадниците на терористичката организација ПJД-ЈПГ/ПКК/КЏК и ДЕАШ, за заштита на границата и воспоставување на безбедност во регионот.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година, без судири им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат од 8 000 до 10 000 илјади терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија. ПКК од средината на 1980-те години води терористичка кампања против Турција, и досега во тие терористички напади животот го загубија околу 40 000 лица.