Sevgi Ceren Gökkoyun
13 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
АНКАРА
Министерот за индустрија и технологија на Турција, Мустафа Варанк, изјавувајќи дека Турција развива иновативен сет, алтернатива на методот PCR за рана детекција на новиот тип коронавирус (Ковид-19), истакна: „Планираме прототипот да биде завршен во јуни“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Варанк во своето обраќање на „Виртуелната конференција за дијагностичката моќ на Турција“ организирана во рамките на „Турската платформа за Ковид-19“ изјави дека Турција има моќна индустриска инфраструктура и развиен екосистем за „Истражување - Развој“.
Осврнувајќи се на економското, социјалното и психолошкото влијание на вирусот, министерот Варанк рече: „Шемите на кои навикнавме почнаа да нè менуваат и нас. Во загрижувачка средина, како земја успешно го поминавме испитот.“
Варанк истакна дека како министерство, во рамките на Визијата за национален технолошки потег, покажале дека вложуваат напори за изнаоѓање национални решенија во полето на технологијата во здравството, хемијата, фармацијата и медицинските уреди.
Потсетувајќи дека во периодот на пандемијата Турција успеа во она што никому не му појде од рака, Варанк истакна:
„Следиме научен и технолошки пристап во борбата со Ковид-19. На проблематиката работат ТУБИТАК (Научно-технолошкиот истражувачки совет на Турција) и нејзините технологии. Истражувањата за вакцина и лек ги започнавме пред вирусот да влезе во границите на нашата земја. Успешно продолжуваат 17 наши проекти. Меѓу нив 8 се проекти за вакцина и предвидуваме претклиничкиот период да заврши до крајот на годината. Некои проекти за вакцината можат порано да дадат резултати. Еден од проектите е во фаза на тестирање кај животни, додека други два проекта наскоро ќе започнат со овие тестирања.“
- „Колку сте подобри во дијагнозата, толку повеќе ви се зголемува ефикасноста во лекувањето“
Министерот Варанк информираше дека во тек се 9 различни фармацевтски проекти кои се фокусирани на хемија и на биотехнологија. „Во јуни очекуваме добра вест за лек подготвен по пат на синтеза, кој е еден од овие проекти изработен со домашни ресурси.“
Варанк соопшти дека последните 5 години за приближно 3.000 проекти се потрошени 2,3 милијарди лири (приближно 304 милиони евра) и додаде: „Во истиот период поддржавме и 516 проекти во областа на медицинските помагала, во кои спаѓаат и сетови за дијагностицирање во вредност од 402 милиони лири (приближно 53 милиони евра). Сето тоа, сета таа способност ја користиме во борбата против Ковид-19 и способни сме да произведеме ефикасни решенија кои се приспособени на потребите на епидемиското опкружување.“
Министерот за индустрија и технологија Варанк истакна дека колку што кривата на болеста е хоризонтална, толку повеќе се зголемуваат шансите да бидат вклучени и научни решенија. „Сетовите за медицинска дијагностика се една од важните технологии кои придонесуваат во овој процес. Колку сте подобри во дијагнозата, толку повеќе ви се зголемува ефикасноста во лекувањето.“
Варанк информираше дека проф. д-р Селим Ханај развил иновативен метод за рано дијагностицирање на Ковид-19, што е алтернатива на PCR-методот и додаде:
„Со овој сет планираме позитивноста на Ковид-19 да може да биде откриена за 30 минути и во период на инкубација на вирусот, кога кај заразениот се немаат развиено симптомите на болеста. Неговата работа вклучува наномеханички систем кој се базира врз мерење на тежината на вирусот, наместо биохемиски реакции. Засега во светот нема ваков иновативен пристап во детектирањето на вирусот. Планираме прототипот да биде завршен во јуни. Со овој проект развиваме сет за детекција кој ќе биде пример за светот. Моќни сме во дијагностицирањето, време е кога треба да бидеме предводници.“