Hikmet Faruk Başer
27 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Новоизградената џамија на познатиот плоштад „Таксим“ во Истанбул, каде што истовремено ќе можат да извршуваат молитва 2.250 лица, ќе биде свечено отворена утре, јавува Агенција Анадолија (АА).
Свеченото отворање ќе се одржи по петочната молитва (џума намаз), а на свеченоста ќе присуствува и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Станува збор за џамија чиј камен-темелник е поставен на 17 февруари 2017 година, а проектот за новата убавица на Босфорот е со потписите на архитектите Шефик Биркије и Селим Даламан.
Џамијата, која веќе стана симбол на плоштадот „Таксим“, се наоѓа во непосредна близина на Грчката православна црква, што ќе претставува посебна целина.

Комплексот на џамијата се наоѓа до платото на „Таксим“, и вклучува паркинг, конференциски и изложбени сали, како и дигитална исламска библиотека.
- Висината на минарето изнесува 61 метар -
Висината на џамијата е 21 метар. Главната купола, која има пречник од 28 метри, е висока 9 метри. Висината на двете минариња изнесува по 61 метар.
Калиграфските работи и украсувањето на џамијата се дело на уметниците Давут Бекташ и Адем Туран.

На централната купола испишани се стиховите (ајетите) од куранската сура „Фатиха“. Џамијата, исто така, ја красат и извадоци од куранските сури „Али Имран“, „Ал Бекара“, „Ел Хашр“, „Ел Ихлас“, „Ен Ниса“, „Ра'д“.
Во внатрешниот дел на џамијата, што е карактеристично за џамиите изградени во стилот на османлиската архитектура, на ѕидовите се наоѓаат шест калиграфски натписи. На предниот ѕид, Алах и Мухамед, а на страничните sидови имињата на четворицата праведни калифи: Ебу Бекр, Омер, Осман и Алија.
Во џамијата на „Таксим“ е поставен специјално ткаен тепих во боја на влакната на камила, направен во турскиот град Маниса.
Висината на михработ на џамијата е 8,5 метри. На површината на михработ се испишани убавите Божји имиња (Есма ул-Хусна), на средината „Нема друг бог освен Алах, Мухамед е Негов пратеник“ (Келиме-и Тевхид).

Минберот и местото за проповед се исто така посебно дизајнирани за оваа џамија, на нив се испишани убавите Алахови имиња.
- Џамијата има четири влеза -
Џамијата ја осветлува лустер со ширина од 12 метри и должина од 20 метри, со вкупно 60 светилки.
Главната влезна врата на џамијата, која има вкупно четири влеза, е изработена од челик. Главната врата е висока 7 метри, широка 3 метри и 10 сантиметри.
Комплексот на џамијата вклучува и трикатен паркинг со капацитет од 165 возила.