Talha Yavuz
07 Мај 2020•Ажурирај: 08 Мај 2020
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Турција ја осуди најновата одлука на Израел за проширување на нелегалните населби на окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Потсетуваме, израелскиот министер за одбрана, Нафтали Бенет, ја одобри изградбата на додатни седум илјади станбени единици во нелегалната израелска населба на окупираниот Западен Брег.
„Уште еднаш силно ја отфрламе постапката на Израел со која потполно се игнорира меѓународното право, особено резолуциите на ОН и повторуваме дека секогаш ќе бидеме на страната на братскиот палестински народ и неговата праведна борба“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.
Понатаму се додава дека одобрувањето на министерот Бенет со кое се овозможува изградба на додатни илјадници станбени единици во нелегалната израелска населба Ефрат, претставува најнов пример на несовесен пристап на израелските власти кои не познаваат право и закони.
Во соопштението се наведува дека токму во периодот на глобалната пандемија на Ковид-19, кога на светот му се потребни мир, стабилност и сигурност повеќе од кога било, Израел, поради внатрешни политички пресметки продолжува да ги крши правата на палестинскиот народ, и понатаму се нагласува дека Израел од ден во ден додатно ја продлабочува политиката на окупација и прогон на подрачјето на Палестина.
Исто така се напоменува дека израелските власти, со ширењето на нелегални населби на палестинската територија сакаат да ја уништат визијата на дводржавно решение на израелско-палестинскиот судир, со напомена дека престанувањето на нелегитимните практики на Израел е неопходно што е можно побрзо, со цел воспоставување мир, стабилност и безбедност во регионот.
Според меѓународното право, сите еврејски населби изградени на окупираната палестинска територија се сметаат за нелегални.