Hikmet Faruk Başer
30 Август 2018•Ажурирај: 31 Август 2018
АНКАРА (АА) - Денеска, по повод 30 Август, во цела Турција се прославува 96-годишнината од Денот на победата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на одбележувањето, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, го посети мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк.
Претседателот Ердоган, по повод 30 Август, Денот на победата, ќе ги прими честитките во Претседателската палата, ќе учествува на церемонијата на дипломците од Воените академии при Универзитетот за национална одбрана и ќе организира прием во Претседателската палата.
Во Ќутахја, министерот за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, ќе учествува во програмата „Од Коџатепе кон Думлупинар-Зафертепе, пат кој води кон независноста“, во рамките на прославата на 30 Август, Денот на победата.
- Прослава во Истанбул
Гувернерот на Истанбул, Васип Шахин, ги прими честитките по повод 30 Август, Денот на победата. Учесниците во церемонијата што се одржа на плоштадот „Таксим“, пред Споменикот на Републиката, потоа преминаа во истанбулското Гувернерство.
Гувернерот Шахин, по пристигнувањето во службените простории, ја започна церемонијата за примање честитки. Во програмата што беше подготвена во истанбулското Гувернерство, покрај претставници на Војската, градоначалници на истанбулските општини и други официјални лица, учество зедоа и претставници на странски земји, претставници на цивилни и административни организации, претставници на верските заедници и други гости.

- Битката за Думлупинар
На денешен ден пред 96 години, турските сили предводени од војсководецот и основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, забележаа голема победа во битката за Думлупинар, која беше последна во Борбата за независност на Турција, водена од 1919 до 1922 година.
Празникот на Денот на победата во Турција се одбележува во знак на сеќавање на таа битка по која е прогласена модерна Република Турција.