Hasan Namlı
08 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
ДИЈАРБАКИР (АА) - Припадник на сепаратистичката терористичка организација ПКК, кој е фатен во подрачјето на источниот турски град Дијарбакир, откри дека терористичката организација стигнала до својот крај, и дека во последните денови никој нема пристапено во таа терористичка организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Вооружените сили на Република Турција овие денови спроведуваат жестоки антитерористички акции во источниот и во југоисточниот дел на земјата. На жестоки удари на турските сили особено беа изложени терористичките упоришта на планините Като и Тендурек, како и шест локации околу градот Дијарбакир. Поради зачестените акции на турските сили, бројот на оние штоо сакаат да пристапат во терористичката организација е рамен на нула.
Во рамките на акциите што се започнати на 28 мај, на подрачје од 1.528 километри квадратни и со учество на повеќе од 10.000 припадници на вооружените безбедносни сили, вчера е фатен еден припадник на терористичката организација.
За тоа колку последните акции на турските сили беа ефикасни, може да се оцени и врз основа на изјавите што ги даде откако беше фатен.
Терористот на ПКК изјави дека неговото семејство вложило многу труд за тој да студира, но како што рече, за време на студиите бил измамен со различни ветувања и така се приклучил во терористичката организација.
Тој нагласи дека, меѓу останатото, му било ветено дека во Сирија ќе биде државен службеник, и додаде:
„Ми велеа дека ќе работам во училиште или во пошта. Јас повеќепати сакав да се предадам и да се тргнам од организацијата, но ни се заканија дека доколку се предадеме, војската ќе нѐ претепа, ќе нѐ мачат како што не можеме ни да ги замислиме. Дека со денови ќе нѐ држат во самици, со тоа нѐ одвраќаа“, раскажа тој.
Заробеникот понатаму наведе дека поради акциите на турските сили веќе нема такви што сакаат да се приклучат во организацијата.
„Пред една година имаше и нови членови. Моментално ги нема, во последната година никој не пристапил во терористичката организација ПКК. Младите веќе не можат да ги измамат, бидејќи се опаметија“, изјави фатениот терорист.
Тој зборуваше и за тоа како терористичката организација ПКК користи различни методи и лаги за да ги измами младите и да ги доведе во своите редови.
„Ни зборуваа дека слободата е во планината и оти таму ќе живееме како што ќе посакаме. Така зборуваа и ние сето тоа така го замислувавме. Но, откако дојдовме, видовме дека не е баш така. Тие се големи никаквеци и насилници. Погледнете во каква состојба сум денес. Станав терорист и тие ме доведоа во ваква состојба”, раскажа тој.
Понатаму, заробеникот наведува дека локалното население во овие делови од земјата веќе зазема став против ПКК, и дека народот веќе не ја сака терористичката организација.
„Народот веќе не им помага. Организацијата ја изгуби поддршката. Во кое село и да дојдевме, народот почнуваше да се жали. Народот веќе не нѐ сака. Претходно во селата останувавме колку сакаме, денес тоа не е можно. Народот се буни. Организацијата дојде до својот крај“, смета фатениот терорист.
Тој додаде дека терористичката организација ПКК претходно остварувала големи приходи од одгледување канабис, но поради последните акции немале можност да садат, со што ѝ е зададен тежок удар на организацијата во финансиска смисла.
ПКК е на листата на терористички организации во Турција, ЕУ и во САД.