Jeyhun Aliyev
12 Ноември 2020•Ажурирај: 13 Ноември 2020
БАКУ (АА) - Ерменија ќе ја плати цената ако го прекрши последниот Мировен договор и Договорот за прекин на огнот со Азербејџан за конфликтот во Нагорно Карабах, изјави турскиот министер за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тие [ерменските сили], или треба доброволно да ја напуштат територијата со почитување на договорот, или херојската азербејџанска Армија ќе ги врати тие територии како што тоа го правеше досега. Нема друг избор“, рече Мевлут Чавушоглу на прес-конференција во Баку, главниот град на Азербејџан.
„Азербејџан не сака да пролева крв и беше многу трпелив во решавањето на конфликтот на мирен начин“, рече тој, додавајќи: „По тоа, изборот е на Ерменија [да пролева крв или да го реши прашањето во мир]“.
Говорејќи за воспоставувањето мировен центар за надзор на прекинот на огнот на територијата на Нагорно Карабах, Чавушоглу рече дека улогата на Турција ќе биде иста како и на Русија за заедничкото надгледување.
Вчера, како што соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, потпишан е Меморандум за разбирање за воспоставување заеднички турско-руски центар за мониторинг на Мировниот договор - со кој се стави крај на вооружените судири меѓу Азербејџан и Ерменија кои траеја со недели.
„Конфликтот може да се реши само со предавање на сета окупирана азербејџанска територија“, рече Чавушоглу, додавајќи дека активностите за статусот на Карабах ќе продолжат во наредниот период.
Тој подвлече дека единствената цел на Мировниот договор е враќање на окупираните територии на Азербејџан.
„Досега, херојската азербејџанска Армија го стори она што се бара на терен, а сега, преку дипломатијата, се работи на враќање на окупираната територија врз база на распоред.“
Чавушоглу истакна и дека Франција, копретседавач заедно со Русија и САД со Минската група на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) формирана во 1992 година за изнаоѓање мирно решение на конфликтот - нема објактивен и избалансиран став за прашањето за Нагорно Карабах.
„Триото од Минск мора да земе лекција од овој процес, особено Франција. Пристрасни изјави се даваат дури и по прекинот на огнот [договорот]“, рече Чавушоглу.
Односите меѓу двете поранешни советски републики околу регионот Нагорно Карабах се тензични од 1991 година, но на 27 септември започнаа нови судири.
Оттогаш, Ерменија континуирано вршеше напади врз азербејџанските цивили и трупи, прекршувајќи на тој начин три договори за хуманитарен прекин на огнот.
Околу 20 отсто од територијата на Азербејџан е под нелегална ерменска окупација речиси три децении.