Talha Yavuz
10 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека планот на Израел за анектирање на палестински територии ќе ги уништи сите надежи за траен мир на Блискиот Исток, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу преку видео-конференција говореше на состанокот на Вонредниот извршен комитет на Организацијата за исламска соработка (OIC), каде што се разговараше за плановите на Израел за анексија на палестинските територии.
„Доколку Израел ја премине црвената линија, [ние како исламски земји] ќе мора да покажеме дека тоа ќе има свои последици“, рече Чавушоглу.
Заблагодарувајќи се на генералниот секретаријат на Организацијата за исламска соработка (OIC) што го одржува состанокот по барање на Палестина, а на иницијатива на Турција, Чавушоглу упати благодарност и до Јордан за соработката.
Тој потсети дека се собрани да испратат јасно предупредување до Израел за да ги запре незаконските планови за анексија, и да покажат дека се во целосна солидарност со Палестина.
„Анексијата на нелегалните еврејски населби и на Јорданската Долина ќе преставува кршење на меѓународното право. Ќе ги уништи сите надежи за траен мир на Блискиот Исток. Тоа ќе биде крај на визијата за дводржавно решение и ќе оди кон решение за единствена држава со што Израел ќе се претвори во расистичка држава.“
Чавушоглу истакна дека тоа ќе го зголеми страдањето на палестинскиот народ и порача: „Ние мора да покажеме единство и заеднички став за да ја спречиме оваа цел.“
Нагласувајќи дека е време моралните вредности да се стават пред политичките интереси, Чавушоглу потсети дека исламското општество нема да се откаже од барањето за независна држава со Ерусалим како главен град, и дека Израел треба да го разбере тоа.
„Ако окупаторската моќ (на Израел) ја премине црвената линија, (ние како исламски земји) ќе мора да покажеме дека тоа ќе има свои последици. Таканаречениот „План на векот“ е израелски план за анексија. Од самиот почеток истакнавме дека ова не е план за мир, туку план за анексија. Минатиот февруари, силниот приговор на Организацијата за исламска соработка, беше важно предупредување. Денес, повторно нашата порака до светот треба да ја дадеме јасно“, порача турскиот министер за надворешни работи.