АНКАРА (АА) - Шефот на Одделот за комуникации при Претседателството на Туркије, Фахретин Алтун, ги повика министрите за информирање на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС) на солидарност со Палестина, пренесува Анадолу.
Алтун како претседател на 12. конференција на министри за информирање на ОИС упати писмо до ресорните министри на земјите членки на таа организација во врска со нападите и кампањите за дезинформации против Палестина.
Одделот за комуникации извести дека Алтун писмено потсетил дека Туркије го осудува тековниот воен напад на Израел врз палестинскиот народ и повикал на безусловен прекин на огнот за да се спречи понатамошна загуба на животи и дека тие ги поддржуваат правата на палестинскиот народ.
„Во овој период на замаглување на фактите и широко распространетите дезинформации што ја доведуваат во заблуда јавноста, ги повикуваме министрите за информации на земјите членки на ОИС да ги засилат нашите заеднички напори во борбата против дезинформациите поврзани со неселективните напади врз Палестинците. Светот не може да ја игнорира хуманитарната трагедија во Палестина. Нашиот заеднички напор ќе биде од големо значење да го свртиме вниманието на меѓународната заедница на ова прашање. Туркије ги поздравува напорите на исламскиот свет да го поддржи палестинското прашање и да стави крај на варварската суровост врз цивилите. Силната реакција на меѓународната заедница на израелското насилство е важна за подигање на свеста за ова прашање“, рече Алтун.
Потсетувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјавил дека вонредниот состанок на Извршниот комитет на ОИС во Џеда конкретно ја покажал решителноста на исламскиот свет во лицето на зголеменото насилство на Израел, Алтун истакна дека Ердоган исто така рекол дека неодамнешниот напад врз болницата Ал-Ахли во Газа бил злосторство против човештвото и повика на хуманитарен прекин на огнот.
- Не треба да се толерира кршењето на човековите права -
Потенцирајќи дека колективното казнување на палестинскиот народ, кој е лишен од храна, вода и струја во блокираната Газа, е кршење на меѓународното право, Алтун изјави дека меѓународната заедница мора да преземе мерки против бруталноста што се случува пред нашите очи.
Алтун изјави дека Извршниот комитет на ОИС нагласил и дека Туркије исто така смета дека е загрижувачки неуспехот на Советот за безбедност на Обединетите нации да ги исполни своите обврски.
„Не треба да се толерира кршењето на основните човекови права. Светот не треба да заборави дека човековите права важат за сите. Мора да вложиме повеќе напори за да ги ублажиме страдањата на Палестинците. Нашиот претседател Ердоган нагласува дека не треба да има натамошно одложување во спроведувањето на формирањето независна палестинска држава, заснована на границите од 1967 година и со главен град Источен Ал Кудс. Единствениот начин да се воспостави траен мир на Блискиот Исток е преку решавање на палестинско-израелскиот конфликт“, рече Алтун.
Алтун наведе и дека бруталните напади на Израел врз Палестинците и пристрасното претставување на оваа невидена трагедија уште еднаш откриваат колку е важно правилно да се информира јавноста.
- Дезинформациите како поттикнување на исламофобија -
Истакнувајќи дека напорите за борба против дезинформациите се исклучително важни за подигање на свеста за злосторствата и за ублажување на цивилното страдање, Алтун нагласи дека информациската средина е полна со лажни наративи кои го прикриваат прекршувањето на меѓународното право.
„Паралелно со овие неодамнешни конфликти меѓу Палестина и Израел, поминуваме низ период во кој може да се шират расистички напади и говор на омраза против муслиманите. За жал, во такви конфликтни средини, намерните активности за дезинформација може да доведат до зајакнување на исламофобичните чувства“, предупреди Алтун.
Тој понатаму предупреди дека дезинформациите се претерано и неконтролирано интензивирани на социјалните мрежи и го поттикнуваат непријателството кон исламот на глобалната арена.
„Во таква ситуација, очигледно е дека се потребни иновативни чекори и глобална солидарност во борбата против исламофобијата. Затоа, целиот свет треба да ја гледа исламофобијата како злосторство од омраза и ефикасно да се бори против неа. Борбата против исламофобијата мора да биде една од примарните должности не само на муслиманите, туку и на меѓународната заедница. Всушност, многу е важно ние како членки на ОИС да бидеме во првите редови на оваа борба“, порача Алтун.
Истакнувајќи дека членките на ОИС имаат силни религиозни, хуманитарни и историски врски, Алтун истакна дека треба дополнително да ја зголемат соработката во борбата против омразата против исламот.
„Мораме да го кренеме гласот против убиствата на невини цивили на најсилен можен начин и да дејствуваме како знак на солидарност за да го запреме масакрот во Газа“, додаде Алтун.
Повикувајќи го целото човештво и меѓународната заедница да преземат мерки за да се запре бруталноста без преседан во Газа, Алтун рече дека верува оти министрите на ОИС ќе дадат вредна поддршка за иницијативите насочени кон борба против исламофобијата на сите меѓународни платформи.
news_share_descriptionsubscription_contact
