Yusuf Soykan Bal
24 Октомври 2023•Ажурирај: 25 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Во операција против терористичката организација ФЕТО, спроведена во 77 турски области, приведени се 661 осомничен, изјави денес турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, јавува Анадолу.
Преку социјалните мрежи, Јерликаја порача дека нема да им се прости на оние кои брутално пукаа во луѓе, го бомбардираа Парламентот на Туркије и крадеа прашања за испити.
Наведено е дека операцијата против ФЕТО наречена „Стегач“ била спроведена во координација со Управата за безбедносно-разузнавачки работи, Управата за борба против криумчарење и организиран криминал (КОМ), Одделот за борба против тероризам (ТЕМ) и со поддршка на МИТ, во 77 области, вклучувајќи ги Анкара, Истанбул и Измир.
Јерликаја откри дека во операцијата се приведени 611 лица поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Истакна дека меѓу приведените во текот на операцијата има и лица кои дејствувале во обласните образовни и финансиски структури на терористичката организација.
„Идентификувани се лица кои се криеле во куќите на Гајбубет, сакале илегално да побегнат во странство, помагале во тоа, користеле БајЛок, како и лица кои се идентификувани со искази на други уапсени лица“, рече Јерликаја.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година, а станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, и чија екстрадиција Туркије официјално ја има побарано од САД.
Припадниците на таа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење на испитите, инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, најпрво во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Туркије се обидоа за наводна корупција да процесуираат голем број високи функционери преку монтиран судски процес.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч изведен од офицери кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници.
За време на обидот за пуч во Туркије загинаа 253 лица, а над 2.730 луѓе беа повредени.