Behçet Alkan
01 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
НЕВШЕХИР (AA) - БЕХЧЕТ АЛКАН -
Претставници на шпанските туристички агенции, кои се во посета и разгледување на Кападокија, една од важните туристички дестинации на Турција, ќе придонесат во промоцијата на туристичкиот потенцијал на регионот како волонтерски амбасадори за промоција на Турција во својата земја.
Претставниците на туристичкиот сектор, кои ги засукаа ракавите за да ја зголемат подвижноста во туризмот, продолжуваат да ги промовираат туристичките дестинации во Турција.
Во тие рамки, претставниците на водечките туристички агенции на Шпанија, кои се поканети во Турција, по Истанбул, Памуккале и Кушадаси, ги открија историските, културните и природните убавини на Кападокија.
Шпанската делегација составена од 40 луѓе, покрај посетата на историските цркви, капели, манастири и музеи во Кападокија, ги посетија долините покриени со „оџаците од бајките“ и природните карпести формации, восхитувајќи ѝ се на текстурата на регионот.

Марија Хозе Усеро Владивија, сопственичка на туристичка агенција во Шпанија, за Anadolu Agency (AA) изјави дека го виделе високото ниво на мерките против Ковид-19 во Турција, и додаде дека оние што прават планови за одмор, воодушевени се од патувањето во Турција, која е безбедна земја.
Изјавувајќи дека ќе ги претстават убавините на Турција споделувајќи ги сликите и фотографиите што ги снимиле во областите што ги посетиле, Владивија рече: „Во Турција се преземени многу добри мерки за време на периодот на Ковид-19. Се гледа дека секторот е добро подготвен од аспект на туризмот. Туристичките центри тука се многу убави. Многу луѓе ќе сакаат да дојдат и да ја видат Турција во периодот што претстои. Безбедноста на средината ќе им ја пренесеме на нашите луѓе и на нашите соработници од областа на туризмот.“
- „Кападокија е скапоцен камен на Турција“
Мигел Анхел Креспо изјави дека патувањата низ Турција не биле насочени само за шпанските туристи, туку имаат за цел и насочување на сите европски ентузијасти за патувања во турските туристички области.

Изјавувајќи дека Кападокија е многу добро позната во Европа и дека туристите сакаат да учествуваат во летот со балони на топол воздух барем еднаш во животот, Креспо рече:
„Нашата прошетка низ Турција ќе биде почетна точка на туризмот не само за Шпанија, туку и на европско ниво. И на нашите колеги и нашиот народ ќе им ја раскажеме Турција, и препорачувајќи ја, ќе ги испратиме тука. Задоволството на шпанските туристи од посетата на толку убави места ќе влијае и на туристите од другите европски земји, охрабрувајќи ги да дојдат во Турција. Вистината е дека Турција е многу безбедна дестинација за љубителите на патувањето. Турција е многу убава земја, но верувам дека најдрагоцениот камен на Турција е Кападокија. Кога ќе дојдете тука, сè многу се менува и владее атмосфера на целосен мир. Шпанците многу добро ја познаваат Кападокија и сакаат да го искусат летот со балони на топол воздух.“
- „Турција е популарна земја во туризмот“ -
Танер Акташ, туристички работник кој ја придружуваше делегацијата на турнејата низ Турција, изјави дека почнувајќи од 7 јуни, европските земји ќе ги отворат вратите за патување и турскиот туризам ќе може да закрепне на краток рок.

„Турција е секогаш популарна земја во полето на туризмот. Ако бројот на посетители се зголеми за едно скалило оваа година, тоа ќе значи зголемување од 5 до 10 пати следната година. Во целиот свет, туризмот беше на нулто ниво поради пандемијата. Турција е една од земјите што забрзано ќе влезе во топ 5 земјите во туризмот“, рече Акташ.
Бурак Којунчуоглу, кој ѝ беше домаќин на делегацијата во карпестиот хотел во местото Ургуп, изјави дека започнале со резервации за сместувачките капацитети што поседуваат сертификати за безбеден туризам.
Истакнувајќи дека мерките против Ковид-19 се исполнети во сместувачките објекти, Којунчуоглу рече: „Мислам дека туризмот многу брзо ќе закрепне со распространувањето на вакцинацијата во нашата земја. Добиваме голем број побарувања, особено од американските и европските земји. До крајот на годината очекуваме закрепнување на туристичкиот пазар што го сочинуваат туристите од земјите на Југоисточна Азија.“